Кога ќе се споменат видео игри во Македонија, првата асоцијација најчесто се деца пред компјутер, конзола или мобилен телефон. Зад екранот, сепак, веќе постои и домашен бизнис. Мал, далеку од регионалните гиганти, но со програмери, дизајнери, аниматори, музичари и цели тимови кои од Скопје, Битола и други градови создаваат производ што може да се продава буквално насекаде во светот. Прашањето е колку навистина „тежи“ оваа индустрија кај нас.
Одговорот не е сосема едноставен, бидејќи Македонија сè уште нема детална и редовно ажурирана официјална статистика за вкупниот промет на компаниите што произведуваат видео игри. Европските податоци покажуваат дека во 2023 година во земјава биле регистрирани 11 активни студија за развој на игри, во кои работеле 213 луѓе. Една година претходно биле евидентирани 11 студија и околу 200 вработени, додека во 2021 година бројот на вработени бил околу 250.
Поновите проценки на домашната заедница се пошироки и зборуваат за околу 21 студио и тимови што на различен начин се занимаваат со развој на игри. Разликата во бројките доаѓа и од тоа што дел од луѓето работат како независни програмери, мали неформални тимови или со странски клиенти, па не секогаш влегуваат во класичната статистика за гејминг компании.
Има и готов производ. Во 2023 година македонските развивачи објавиле три нови наслови, од кои два биле објавени самостојно, а еден преку надворешен издавач. Околу 67 проценти од развојот бил насочен кон компјутерски игри, а 33 проценти кон мобилни уреди. Тоа се мали бројки во споредба со Србија, Германија или Велика Британија, но за домашен пазар со нешто повеќе од 200 луѓе директно во индустријата, покажуваат дека производството сепак постои.
Најголемата предност е што на една македонска компанија не ѝ треба домашен пазар од десет милиони потрошувачи. Игра направена во стан во Скопје може истиот ден да ја купи играч во САД, Германија или Јапонија. Нема камиони, магацини, царини и полици. Има код, графика, звук, добра идеја и, се разбира, жестока светска конкуренција.
Домашната индустрија веќе има пример на мобилна игра која стигнала до повеќе од 180 милиони преземања. Познавачите велат дека токму ваквите случаи покажуваат колкав може да биде ефектот ако мал тим погоди производ што ќе стане глобален хит. Но, успехот на една игра не значи дека целиот сектор автоматски станува голема индустрија.
Проблемите се прилично земни. Недостигаат капитал, поголеми студија, специјализирано образование и доволно луѓе со искуство на големи меѓународни проекти. Од домашната гејминг заедница предупредуваат и на иселувањето на младите кадри, кои лесно добиваат подобро платени понуди од странство.
„Државата нема стратегија или идеја каде да ја насочи оваа гранка“, е една од оценките што со години доаѓаат од луѓето во секторот.
Други посочуваат дека институционалната поддршка е ограничена: „Засега само три компании добиле грантови од Фондот за иновации“.
А просторот за раст очигледно постои. Целиот македонски ИКТ сектор во 2025 година стигнал до рекордни 1,77 милијарди евра приходи и 676 милиони евра извоз. Во однос на 2020 година, извозот пораснал за речиси трипати. Гејмингот засега е само мал дел од таа приказна, но работи по истата логика: знаењето се создава овде, а купувачот најчесто е надвор.
Значи, македонската индустрија на видео игри сè уште не „тежи“ стотици милиони евра, барем нема податоци што би го потврдиле тоа. Но веќе не станува збор ниту за неколку ентузијасти што прават игри по дома. Има компании, вработени, производи и глобален пазар. Пари има. Прашањето е колку од нив Македонија ќе успее да донесе дома.
Б.З.М.



