ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАГувернерот Славески: Монетарната поставеност останува соодветна, девизните резерви над 5 милијарди евра

Гувернерот Славески: Монетарната поставеност останува соодветна, девизните резерви над 5 милијарди евра

Монетарната поставеност останува соодветна, а основната каматна стапка е задржана на нивото од 4,25%, при што Народната банка располага со сите потребни инструменти за да реагира доколку условите го наложат тоа. Ова го истакна гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во гостувањето во централниот дневник на „Македонската телевизија“, говорејќи за последната одлука на Извршниот одбор, девизните резерви, инфлацијата и економскиот раст.

„Народна банка ги носи одлуките врз основа на сериозна анализа на макроекономските состојби, ценејќи ги, во секој случај, состојбите во неизвесното окружување и слично“, посочи гувернерот.

Во однос на стабилноста на економијата и девизниот курс, Славески истакна дека девизните резерви се на ниво од околу 5,1 милијарда евра, што е приближно двојно повеќе од претпандемиското ниво во 2019 година. Тие се значаен инструмент за одржување на стабилноста на номиналниот девизен курс, при што Народната банка интервенира на девизниот пазар со продажба или откуп на девизи, зависно од состојбите на пазарот.

Како што посочи, растот на резервите е поткрепен со поволните движења во екстерниот сектор – извозот и увозот, странските директни инвестиции и портфолио-инвестициите. „Не само што се надомести она што беше потрошено за интервенции туку и девизните резерви значително пораснаа“, истакна Славески, додавајќи дека ваквите тенденции се важни за одржувањето на макроекономската стабилност.

Во однос на инфлацијата, последните податоци покажуваат умерени движења. Годишната инфлација изнесуваше 2,3% во јули, а во август 2,6%, што значи дека цените во август во однос на јули пораснаа за 0,4%. Според гувернерот, августовските податоци покажуваат релативно ограничен пренос на турбуленциите поврзани со движењата на цените на енергентите и суровата нафта врз домашните цени.

Славески нагласи дека Народната банка ја следи состојбата и дека доколку е неопходно, може да реагира со инструментите што ѝ стојат на располагање. Покрај основната каматна стапка, меѓу нив се и мерките на макропрудентната политика, насочени кон одржување на стабилноста на банкарскиот сектор и соодветно управување со задолженоста на приватниот сектор.

Гувернерот се осврна и на растот на македонската економија од 4,3% во вториот квартал, оценувајќи дека е позитивно што економијата бележи солиден раст и во услови на голема неизвесност во светската економија. Растот, како што посочи, пред сè е поттикнат од бруто-инвестициите, особено во инфраструктурата, но и од личната потрошувачка. Врз неа влијаат растот на расположливиот доход, платите и пензиите, како и зголеменото кредитирање на населението и на бизнисите.

„Добро е што и во услови на голема неизвесност во светската економија македонската економија бележи солиден раст“, истакна гувернерот.