Еден глас трае само неколку секунди, но може да помогне една добра идеја да добие дополнителна поддршка и поголема можност да стане реалност. Токму затоа, во финалната фаза на „Иднина која инспирира“, dm drogerie markt им го отстапува зборот и на граѓаните – до 27 септември 2026 година тие можат директно да влијаат врз тоа кој од трите проекти ќе добие дополнителна поддршка.
Со гласањето, секој граѓанин добива можност да застане зад промената што лично ја препознава како важна. Еден глас може да значи поддршка за повеќе млади да се вклучат во грижата за животната средина, за еден запуштен простор да добие нов живот или за неискористени простори да станат места за учење, креативност и заедништво. Затоа гласот не е само избор меѓу три проекти – тој е начин граѓаните да покажат каква заедница сакаат да помогнат да се создаде. Во изборот се „Силата е во младите“, „Природа што нè поврзува“ и „Простор за раст“ – три иницијативи со различен пристап, но со заедничка амбиција да создадат конкретна и долгорочна вредност за заедницата. Својот глас граѓаните можат да го дадат на следниот линк.
Проектот „Силата е во младите“ на Здружението за екологија, еколошка едукација и еколошка обединетост „За почиста Македонија“ е насочен кон активно вклучување на децата и младите во грижата за животната средина. Преку еколошки чистки во скопските населби, работилници, дискусии и видеосодржини, проектот има цел да ја подигне свеста за зачувувањето на чистата животна средина и да ги поттикне младите активно да придонесуваат за почиста околина.
Со „Природа што нè поврзува“, Центарот за регионален одржлив развој од Неготино планира запуштен и неискористен простор да го преобрази во зелено и функционално место за одмор, рекреација и дружење. Преку волонтерски акции ќе се расчистува и уредува локацијата, ќе се садат дрвја и растенија и ќе се поставуваат практични елементи за користење на просторот. Предвидени се и едукативни и креативни активности, со цел просторот да стане трајно зелено катче за локалната заедница.
Третиот проект, „Простор за раст – функционален центар создаден од граѓаните“ на Здружението за едукација, развој, јакнење и вмрежување „ЕДЕН ХАБ“ од Прилеп, предвидува мапирање, уредување и активирање недоволно искористени простори во Прилеп, Кривогаштани и неколку општини на територијата на Град Скопје. Преку заеднички волонтерски акции, просторите треба да прераснат во достапни центри за учење, креативност, развој на практични вештини, ментална благосостојба, активно граѓанство и меѓусебна поддршка.
Гласањето е дел од пошироката иницијатива „Иднина која инспирира“, во рамките на која годинава беа пријавени вкупно 74 проекти. По стручното оценување, пет иницијативи веќе добија финансиска поддршка од dm во вкупна вредност од 2,9 милиони денари, со цел нивните идеи да прераснат во конкретни активности и резултати. Во стручното жири учествуваа Гоце Калинов од „Ретвитни оброк“, Далиборка Златева, претседател на „Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес“, Ико Брдаровски, менаџер за грижа на корисници во „Пакомак“, како и тројца претставници на dm.
Меѓу петте веќе избрани проекти се „Охрид Еко 2027“ на Нуркачкиот центар „Амфора“, насочен кон организирани подводни акции за отстранување отпад од Охридското Езеро; „Херои на солидарноста: Тегла Плус за нашата заедница“ на Здружението „Љубезност“, насочен кон поддршка на ранливите категории граѓани и поттикнување на солидарноста; „Поддршка блиску до тебе – Заедно до правата“ на Македонското здружение на млади правници, кој ќе обезбедува бесплатни правни совети и практична помош за лица и семејства во социјален ризик; „Заедно сме шампиони – инклузија преку спорт“ на Специјална Олимпијада – Македонија, кој преку спортски активности ќе поврзува млади со и без интелектуална попреченост; како и „DM HUB – Центар за благосостојба и грижа ‘Грижа за себе. Грижа за другите. Грижа за заедницата.’“ на Центарот за истражувања и анализи НОВУС, со активности поврзани со менталното и репродуктивното здравје, еколошката одговорност, повторната употреба и волонтерството.
Преку „Иднина која инспирира“, dm продолжува да ги поддржува идеите што придонесуваат за подобар квалитет на живот, поздрава животна средина, поголема инклузија и посилни локални заедници. А со гласањето, граѓаните добиваат конкретна можност да влијаат врз следниот чекор – затоа што нивниот глас не е само поддршка за една идеја, туку учество во изборот на промената што сакаат да ја видат во својата заедница.



