Дали навистина тече мед и млеко со откупот на Вранецов, ова е прашањето кое јавно го поставија лозарите? Според ресорниот министер Борче Серафимовски откупот на Вранецов се одвива без проблеми, а секој килограм ќе биде откупен. Но, земјоделците не мислат така. Велат дека време е лозарите да кажат гласно, мора да се покаже реалната слика од терен. Да се покажат сите проблеми со преземањето на грозјето. Лозарите ги повикаа сите засегнати да кажат дали чекањето со денови пред откупните пунктови е редовен откуп?
Пораката на лозарите е јасна, доста е од игри врз грбот на земјоделците и народот! Обвинуваат дека три децении слушаат лажни ветувања за подобро утро, додека политичарите ги уживаат привилегиите на власта, а тие се борат за гол опстанок.
“Ова повеќе не е политика – ова е отворена експлоатација и класичен апархејт каде малобројни ги користат благодетите, а мнозинството тоне во беда и очај. Алармантната реалност на македонскиот земјоделец е целосен егзистенцијален колапс. Работиме од утро до мрак со несигурен откуп и цени кои не ги покриваат ниту трошоците за семето и горивото”, велат од Националната земјоделска мрежа.
Во јавен допис земјоделците обвинуваат дека институциите се претворени во партиски бастиони кои се глуви за маките на обичниот човек. Сметаат дека изгубена е секаква емпатија кон оние чии гласови им овозможија на политгичарите да седнат во фотелјите.
„Почитувани народни избраници, време е да се загледате во огледалото и да сфатите каде ја туркате државата. Ова не е политички пост, ова е крик од душата на осиромашениот земјоделец и понижениот македонски народ. Бараме итни одговори, одговорност и вистински отчет за секој изминат ден во кој ги игнориравте нашите потреби! Земјоделецот неможе да трпи повеќе. Најсериозно сватете го овој апел од нас како земјоделци и грагани“, додаваат земјоделците.
Земјоделците го прозваа и новиот ресорен министер и му порачаа да не троши време на министерски средби за личен пијар, бидејќи велат – луѓето кои ја хранат оваа држава се соочуваат со катастрофа.
Во нивниот последен јавен повик од Националната земјоделска мрежа како што велат бараат веднаш да се излезе со итни, конкретни и реални решенија за откупот и пласманот на земјоделските производи, или од морална и човечка одговорност поднесете неотповиклива оставка.
Но, министерот пак, не мисли така. Според Борче Серафимовски откупот на грозјето продолжува непречено, откупните пунктови работат, а лозарите го предаваат својот род. Неговите податоци велат дека четиринаесет винарии на деветнаесет откупни места досега откупиле и преработиле над 35 милиони килограми грозје. Плус, винариите од сопствените лозови насади собрале и преработиле над седум милиони килограми грозје.
„Лозарите немаат никаква корист од политичкиот натпревар во кој од изолирани случаи се конструира слика дека откупот се одвива отежнато или дека е запрено преземањето на вранецот. Таквите тврдења не одговараат на фактите од откупните места. Значаен дел од овогодишниот род добива пласман и надвор од домашниот пазар. Досега се извезени над 10,5 милиони килограми винско и трпезно грозје. Кога ова количество ќе се додаде на родот преземен и преработен од домашните винарии, вкупно досега од лозовите насади се набрани над 54 милиони килограми грозје “, изјави министерот Серафимовски.
Лозарите пак велат дека додека министерот Серафимовски нуди празни ветувања и тактизира со празни зборови, лозарите велат дека добиваат само ново купување време и дефокус од реалната катастрофа што се заканува со откупот на грозјето. Очигледно е дека државата во овој момент нема ниту визија, ниту капацитет да ги менаџира и решава долгорочните проблеми во земјоделството. Заклучуваат дека секој премолчен ден и секое лажно ветување директно ја уриваат егзистенцијата на илјадници семејства кои живеат од овој труд. Уништувањето на лозарството не е само удар за земјоделците, туку системски удар што ќе го почувствува целото општество преку економска криза и пусти полиња.
И.П



