ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАСе ближи грејната сезона: Неколку навики можат сериозно да ја намалат сметката...

Се ближи грејната сезона: Неколку навики можат сериозно да ја намалат сметката за струја

Првите посвежи утра веќе потсетуваат што следува. Уште малку, па низ становите и куќите ќе почнат да работат климите, греалките, бојлерите и термоакумулационите печки, а со нив ќе почнат да растат и сметките за струја. За многу македонски семејства токму зимските месеци се периодот кога домашниот буџет е под најголем притисок.

Чудотворен рецепт за преполовување на сметката нема. Но има нешто друго: десетина мали навики кои, собрани заедно, можат да направат видлива разлика.

Познавачите на енергетиката велат дека најголемата грешка е да се бара заштеда само кај светилките и полначите, додека истовремено клима уредот работи со часови на превисока температура.

„Најголемите потрошувачи треба први да се стават под контрола. Греењето, бојлерот, машините за перење и сушење и електричниот шпорет имаат многу поголемо влијание врз сметката отколку една заборавена светилка“, објаснуваат познавачите.

Кај греењето, една од наједноставните работи е просторијата да не се прегрева. Препораките за енергетска ефикасност упатуваат зимската температура во домот да се движи околу 20 степени, а филтрите на клима уредите да се чистат редовно. Валканиот филтер го тера уредот да работи потешко и подолго. Според објавените совети за енергетска ефикасност, редовното чистење на филтрите може да донесе заштеда и до 15 проценти при греење и ладење.

И прозорецот знае да ја „јаде“ струјата.

Во многу домови зиме прозорецот останува подотворен половина час или подолго. Така ѕидовите и мебелот се ладат, а потоа климата или греалката треба повторно да ја надоместуваат изгубената топлина. Подобро е проветрувањето да биде кратко и интензивно: прозорците ширум отворени неколку минути, па повторно затворени.

„Не треба да ја грееме улицата. Ако некаде дува околу прозорците и вратите, прво треба да се реши тоа, па потоа да се бара поекономично греење“, посочуваат енергетските познавачи.

Според препораките на Регулаторната комисија за енергетика, затворањето пукнатини и места низ кои се губи топлина може да ги намали трошоците за греење и ладење до околу 10 проценти.

Голема разлика може да направи и часовникот.

За домаќинствата во Македонија ниската тарифа важи од 13 до 15 часот и од 22 до 7 часот секој ден, а од сабота во 22 часот до понеделник во 7 часот важи непрекинато. Тоа значи дека машината за перење, машината за садови, бојлерот и другите поголеми потрошувачи, кога условите го дозволуваат тоа, има смисла да работат токму во тие периоди.

Не треба, сепак, машината да се пушта за две маици или за три чинии. Целосно наполнета машина значи помалку циклуси во текот на месецот, а со тоа и помала потрошувачка.

Истото важи и за кујната. Наместо рерната да се загрева неколкупати дневно за мали количини храна, поисплатливо е, кога е можно, да се подготви поголемо количество одеднаш. Вратата на фрижидерот, пак, не треба да стои отворена додека размислуваме што ќе јадеме. Ситница е. Ама секој ден, по неколкупати…

Бојлерот е посебна приказна. Наслагите од бигор го забавуваат загревањето на водата, па уредот работи подолго. Затоа редовното чистење и правилното нагодување на температурата можат да бидат далеку покорисни од постојаното вклучување и исклучување без никаков ред.

И да, има смисла да се изгаснат непотребните светилки, телевизорот да не останува бесцелно вклучен, а полначите и уредите што со денови стојат на „стендбај“ да се исклучат од струја. Тие сами нема да ја спасат домашната каса, но непотребната потрошувачка си е непотребна потрошувачка.

Економистите велат дека домаќинствата најдобро ја чувствуваат заштедата кога не се откажуваат од една работа, туку менуваат повеќе навики истовремено.

И тука е целата математика. Не мора дома да се седи во јакна и да се гаси секоја сијалица како да е последниот киловат во државата. Доволно е струјата да се троши кога треба, колку што треба и, каде што може, тогаш кога е поевтина.

Б.З.М.