„LVMH“ е на пат да ја изгуби позицијата на највредна компанија во Франција и да испадне од Топ 10 на највредните котирани компании во Европа – симболичен пресврт за гигантот во индустријата за луксузни производи, кој беше еден од главните двигатели на европскиот пазар за време на бумот по пандемијата, пишува „Bloomberg“.
Акциите на „LVMH“ во вторникот паднаа за 2,5 отсто, со што пазарната капитализација на компанијата се намали на 201 милијарда евра и падна под онаа на „L’Oreal“. Со тоа LVMH за првпат од 2017 година излезе од европскиот топ 10.
„Оние кои тврдат дека Европа закрепнала грешат – Европа не закрепнала. Она што ‘LVMH’ ни го кажува е дека главниот двигател на нејзиниот раст – индустријата за луксузни производи – е скршен“, вели Венсан Жувен, главен инвестициски стратег во „ING“ во Брисел.

Акциите на „LVMH Moët Hennessy Louis Vuitton“ – највредната компанија во Европа на својот врв во 2023-та година, кога достигна цена од 900 евра по акција – оттогаш паднаа за околу 55 отсто.
Побарувачката за луксузни производи ослабе на клучниот кинески пазар, а конфликтот на Блискиот Исток во последно време влијае и врз потрошувачката во важни шопинг-центри.
Дополнителен притисок создава и „Louis Vuitton“, најпрофитабилниот бренд на „LVMH“. Компанијата неодамна се соочи со негативни реакции од потрошувачите во Кина поради спор околу заштитен знак со локална компанија за чај, што дополнително ги продлабочи предизвиците на тој пазар.
Некои брокерски куќи ги намалија своите оценки и целните цени за акциите.
Акциите на конгломератот, кој го контролира милијардерот Бернар Арно, годинава паднаа за околу 37 отсто, враќајќи се на нивоата од периодот пред пандемијата, кога рестрикциите ги затворија продавниците ширум светот.
Сегашниот пад е со размер сличен на оној за време на глобалната финансиска криза.
Според индексот на милијардери на „Bloomberg“, Арно минатата недела испадна од топ 10 на листата на најбогати луѓе во светот, со што листата повторно остана речиси целосно доминирана од американски технолошки милијардери.



