ПочетнаЕКОНОМИЈАПо 40 години пауза, ЕИБ повторно вложува во нуклеарна енергија

По 40 години пауза, ЕИБ повторно вложува во нуклеарна енергија

Европската инвестициска банка (ЕИБ) инвестира 40 милиони евра во фински стартап кој развива мали модуларни реактори, со што ја прекинува 40-годишната пауза во финансирањето на нуклеарната енергија, додека Европа влегува во трка за развој на нови технологии за чиста енергија, објави „Bloomberg“.

Компанијата „Steady Energy“ развива 50-мегаватен реактор со лесна вода, наменет за снабдување на системи за централно греење. Во Хелсинки развива и ненуклеарна пилот-инсталација, како дел од напорите да добие регулаторно одобрение. Финансирањето е структурирано како квазикапитална инвестиција, што ѝ дава можност на ЕИБ подоцна да ја претвори инвестицијата во акции.

Ова е првата инвестиција на ЕИБ во технологијата на малите модуларни реактори (SMR) и претставува промена во политиката на институцијата, која во голема мера се дистанцираше од нуклеарната енергија од 1980-тите.

Во тој период бројот на нови нуклеарни проекти значително се намали, а некои држави се откажаа од технологијата поради загриженоста за безбедноста. Ставовите, сепак, почнаа да се менуваат по серијата енергетски кризи поврзани со фосилните горива, кои ги засилија аргументите во корист на нуклеарната енергија како сигурен извор на електрична енергија со ниски јаглеродни емисии.

„Активно бараме начини да ги поддржиме најперспективните пионери во областа на ‘SMR’ во Европа“, изјави Карл Нехамер, потпретседател на ЕИБ.

„Обезбедувајќи стабилна енергија со ниски јаглеродни емисии, заедно со обновливите извори, ‘SMR’ може да помогне во изградбата на посигурен и поодржлив европски енергетски микс, со намалување на зависноста од фосилните горива и изложеноста на промените на цените на енергентите“, додаде тој.

„Bloomberg“ претходно објави дека ЕИБ ја разгледува можноста за инвестиции во технологијата на малите модуларни реактори.

Иако банката не го финансирала производството на нуклеарна енергија од 1987-ма година, во последните години финансирала проекти поврзани со синџирот на снабдување во нуклеарниот сектор и со управувањето со нуклеарниот отпад.