Растот на платите во еврозоната веројатно ќе забрза во 2027-ма година, но и натаму ќе биде значително под највисоките нивоа забележани во претходните години.
Ова го објави „Bloomberg“, повикувајќи се на Европската централна банка (ЕЦБ), која ги анализира инфлациските ризици поврзани со војната меѓу САД и Израел против Иран.
Индексот на ЕЦБ за следење на динамиката на платите, објавен во средата, предвидува дека платите ќе пораснат за 2,7 отсто на годишно ниво во првиот квартал од следната година и за 2,8 отсто во вториот квартал.
Тоа би претставувало забрзување во однос на втората половина од 2026-та година, но растот сепак ќе остане значително под рекордните 5,2 отсто од 2024-та година.
„Пониските вредности на индексот за следење на платите во првата половина од 2026-та година го одразуваат механичкиот ефект од еднократните исплати кои првично беа извршени во втората половина на 2024-та година, а не беа повторени во следната година“, наведува ЕЦБ.
„Овие ефекти целосно исчезнуваат во втората половина на 2026-та година“, додава централната банка.
Централните банкари проценуваат како повисоките трошоци за енергија се пренесуваат врз цените на другите стоки и услуги, вклучително и преку фактори како што се платите.
Минатата недела тие по вторпат од јуни ги зголемија каматните стапки, додека пазарите очекуваат дополнително зголемување на трошоците за задолжување во обид инфлацијата да се врати кон целното ниво од 2 отсто. Во моментов таа е над 3 отсто.
По одлуката овој месец, ЕЦБ нагласи дека платите засега не покажуваат „значителна реакција на енергетскиот шок“.
Сепак, банката предупреди дека шокот сè уште може да се засили, што би можело да создаде поголем од очекуваниот притисок врз цените и платите.



