ПочетнаКОМПАНИИШвајцарија е следната цел на „Revolut“, милион клиенти чекаат нови услуги

Швајцарија е следната цел на „Revolut“, милион клиенти чекаат нови услуги

„Revolut Ltd.“ аплицира за банкарска лиценца во Швајцарија, како дел од најновата фаза од своето ширење, откако веќе доби регулаторни одобренија за работа како локален кредитор на пазари од Америка до Австралија.

Барањето на компанијата со седиште во Лондон до Швајцарскиот орган за надзор на финансискиот пазар (FINMA) моментално се разгледува, се наведува во соопштение цитирано од „Bloomberg“.

Лиценцата би му овозможила на „Revolut“ да понуди заштита на депозитите според швајцарските стандарди, локални IBAN-броеви, сметки за примање плата, како и услуги за прифаќање плаќања од трговци, односно таканаречен „merchant acquiring“.

„Мора да бидеме присутни овде. Имаме многу богати швајцарски клиенти на кои сакаме да им ги понудиме нашите услуги“, изјави во интервју Дејвид Тирадо, главен комерцијален директор на „Revolut“.

Стремежот за добивање локална лиценца е во согласност со напорите на финтек-компанијата да го прошири своето работење на глобално ниво. Мексико ѝ даде зелено светло пред помалку од една година, а во март компанијата доби британска банкарска лиценца, откако барањето го поднесе уште во 2021-ва година.

Потоа следуваа Австралија во јули и Франција во август. Во септември компанијата објави дека добила условно одобрение да работи како национална банка во САД.

Швајцарската лиценца би му обезбедила на „Revolut“ посилна позиција во еден од светските центри за управување со богатството, во период кога компанијата навлегува и во областа на приватното банкарство.

Финтек-компанијата планира во следните пет години да инвестира 150 милиони швајцарски франци, односно околу 183 милиони американски долари, на швајцарскиот пазар.

Досега работењето на финтек-компанијата во Швајцарија беше ограничено поради тоа што не можеше да понуди сметки за примање плата или инвестициски сметки деноминирани во швајцарски франци.

И покрај тоа, компанијата има околу 1,3 милиони клиенти во земјата.