Купувачите на течен природен гас (LNG) ги забрзуваат разговорите за набавка на дополнителни количества од САД, бидејќи војната во Иран и нарушувањата поврзани со Ормускиот Теснец ги принудуваат да бараат алтернативи на добавувачите од Блискиот Исток, објави „Bloomberg“.
Компании од Тајланд, Пакистан и Бангладеш преговараат за склучување долгорочни договори со американски добавувачи, соопштија претставници на конференцијата „Gastech“ во Бангкок.
„China Gas Holdings“ оваа недела потпиша еден од ретките договори за продажба со американскиот извозник „Venture Global“. Испораките треба да започнат во 2030-та година, и покрај тензиите меѓу Вашингтон и Пекинг.
Овој потег доаѓа во момент кога нарушувањата на транспортот преку Ормускиот Теснец влегуваат во седмиот месец. Пред војната, низ теснецот минуваше околу една петтина од светските испораки на течен природен гас.
Во исто време, огромниот извозен терминал на Катар и натаму е во голема мера затворен откако беше оштетен во ракетни напади. Загубата на испораките од Катар и Обединетите Арапски Емирати за клучните азиски купувачи, заедно со високите цени на спот-пазарот, ги зголемува сметките за домаќинствата и предизвикува недостиг на енергенси во делови од Азија.
„Купувачите ширум светот навистина се повеќе се фокусираат на диверзификација на снабдувањето со течен природен гас“, изјави Јукио Кани, претседател на „Jera Co“, една од најголемите компании купувачи на „LNG“ во светот, за „Bloomberg TV“.
„Некои премногу зависат од Катар, на пример, од 50 до 60 отсто од нивното снабдување“, додаде Кани.
„Jera“, најголемиот увозник на гас во Јапонија, во последните десет години работи на диверзификација на изворите на снабдување. Компанијата сега зависи од Блискиот Исток за околу 5 отсто од својот течен природен гас, истакна Кани за време на конференцијата во Бангкок.
Компанијата најголем дел од количествата ги увезува врз основа на долгорочни договори. Според Кани, и другите земји треба да следат слична стратегија за да ја намалат изложеноста на нестабилниот спот-пазар.
Јапонскиот производител на енергија „Inpex Corp.“ размислува да инвестира во американски проект за извоз на течен природен гас, изјави извршниот директор Такајуки Уеда во интервју.
„Приливот на течен природен гас низ теснецот нема да се врати на претходната состојба“, смета тој.
„Диверзификацијата на нашето портфолио, или со други зборови, отпорноста на нашето портфолио, е важна“, рече Уеда.
Компаниите, сепак, не гледаат само кон САД. „Inpex“ истражува проекти во Јужна Америка, соопшти Уеда.
Во меѓувреме, претставници на тајвански компании кои учествуваа на „Gastech“ покажале интерес за „LNG“ од Канада и од земјите во Азија и Пацификот.
Американските добавувачи обично нудат меѓу најниските цени за долгорочни договори, делумно затоа што договорите се поврзани со американскиот репер „Henry Hub“. Големите резерви на гас од шкрилци дополнително придонесуваат за одржување на ниски цени на американскиот пазар.
Испораките од САД врз основа на долгорочни договори стигнуваат до Азија по цена од околу 8 долари за милион британски термални единици, велат претставници на американски и јапонски компании.



