ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАШто јадат богатите, а што јадат сиромашните?

Што јадат богатите, а што јадат сиромашните?

За едно семејство поскапувањето на месото за 100 денари е непријатност. За друго, тоа значи дека месо тој ден нема да се купи. Токму тука најдобро се гледа разликата меѓу домаќинствата со повисоки и оние со ниски приходи. Не е само прашање колку денари се оставаат во маркет, туку колкав дел од целата заработка завршува на каса.

Податоците за потрошувачката на македонските домаќинства покажуваат колку храната тежи во домашниот буџет. Во 2025 година за храна и за безалкохолни пијалаци биле употребени 164.256 денари во просек по домаќинство, односно дури 50,9 проценти од вкупно употребените средства.

Практично, половина од парите.

Но просекот знае и да измами. Во истата статистичка бројка влегуваат и семејства со неколку високи плати и домаќинства што го туркаат месецот со една плата, пензија или приходи блиску до минималните. Кај вторите храната зема значително поголем дел од расположливите пари, додека кај домаќинствата со повисоки приходи останува простор за патувања, автомобили, ресторани, култура, забава или штедење.

„Тие со помали примања мораат поголем дел од своите приходи да го потрошат пред сè на храна“, посочува еден економист, објаснувајќи зошто растот на цените на основните производи многу посилно ги погодува посиромашните граѓани.

И тука е суштината.

Кога лебот, млекото, јајцата, месото или зеленчукот поскапуваат, побогатото домаќинство може да ја почувствува разликата на крајот од месецот, но најчесто нема да го менува менито. Кај семејството со низок приход почнува пресметувањето уште пред влезот во маркет. Што е на акција? Дали да се земат две пакувања или едно? Може ли месото да почека до викенд? Што мора, а што може да остане на полица?

Структурата на македонската потрошувачка доволно кажува сама за себе. Во 2024 година едно домаќинство во просек трошело околу 144.900 денари годишно само за храна. Од тие пари, околу 35.780 денари оделе за месо, 30.421 денар за млеко, млечни производи и јајца, близу 25.000 денари за производи од жито, а повеќе од 21.000 денари за зеленчук.

Кога приходите се ограничени, токму овие ставки практично не можат да исчезнат. Струјата мора да се плати, храна мора да има, потребни се лекови, превоз до работа, средства за хигиена. Затоа, кога цените растат, прво се кратат работите што не се неопходни.

Ресторан? Поретко. Нова облека? Следниот месец. Одмор? Ќе видиме.

Податоците за 2025 година го покажуваат тоа прилично јасно. Додека 50,9 проценти од употребените средства на домаќинствата оделе за храна и безалкохолни пијалаци, за рекреација и култура биле одвоени само 1,2 проценти, а за образование само 0,2 проценти.

Економистите објаснуваат дека затоа истата инфлација не се чувствува исто во секој паричник. Ако некој троши голем дел од приходот на храна, секое поскапување на основните производи директно му го намалува просторот за сè друго.

Кај побогатите домаќинства сликата е поинаква. Тие можат во апсолутна сума да потрошат и многу повеќе пари за храна, да купуваат поскапи производи и почесто да одат во ресторани, но храната претставува помал дел од нивниот вкупен приход.

Токму затоа две семејства можат да ја добијат истата сметка од 5.000 денари во маркет, а таа сметка за едните да биде обична набавка, додека за другите да значи сериозна дупка во месечниот буџет.

И тука процентите престануваат да бидат само статистика. Се гледаат директно во количката.

Б.З.М.