ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТКинески автомобили ќе се произведуваат во САД? Трамп вели дека најважно е...

Кинески автомобили ќе се произведуваат во САД? Трамп вели дека најважно е да вработуваат Американци

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема да се спротивстави на кинеските автомобилски компании кои би произведувале автомобили во САД, и покрај силното противење од американските законодавци и автомобилските компании, објавува „Reuters“.

„Ако Кина сака да дојде и да отвори фабрика за производство на автомобили овде, јас би се согласил со тоа“, изјави Трамп во интервју за „Fox News“.

„Јапонија го прави тоа, но вработува наши луѓе. Најважно е што вработуваат наши луѓе“, нагласи тој.

Трамп е категоричен дека не сака кинеските производители на автомобили да произведуваат возила во Мексико, а потоа да ги извезуваат во САД.

„Не ги критикувам кинеските автомобили“, нагласи американскиот претседател.

Американските автомобилски производители, сепак, силно го повикуваат Трамп, кој за две недели треба да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг во Вашингтон, да не им дозволи на кинеските производители пристап до американскиот пазар.

Американската сенаторка Елиса Слоткин, демократка од Мичиген, изјави дека постојат „гласини дека Трамп планира да дозволи продажба на кинески автомобили во САД, како дел од поголем договор што го склучува“.

„Тоа би било стратешка грешка“, категорична е Слоткин.

Трамп ја нарече изјавата на демократската сенаторка „апсолутно лажна гласина“ и порача дека и натаму ги држи кинеските возила подалеку од американскиот пазар.

Регулативата што администрацијата на поранешниот претседател Џо Бајден ја воведе на почетокот на 2025-та година, практично им забранува на сите кинески производители да продаваат или произведуваат патнички автомобили во САД.

Вашингтон, исто така, одржува царини од над 100 отсто за кинеските електрични возила.

Групацијата која ги претставува речиси сите големи автомобилски производители во САД го повика Конгресот итно да усвои закон со кој трајно ќе им се забрани на кинеските автомобили да влезат на американскиот пазар.

Алијансата за автомобилски иновации, која ги претставува „General Motors“, „Ford“, „Toyota“, „Volkswagen“, „Hyundai“, „Honda“ и „Stellantis“, повика законот да биде усвоен до крајот на декември.

„Во моментов кинеските производители на автомобили ги преплавуваат пазарите со субвенционирани возила опремени со поврзан софтвер и хардвер“, изјави извршниот директор на групацијата, Џон Бозела, во писмо до Конгресот.

Во меѓувреме, американските компании сè уште се соочуваат со тешкотии поради големиот број царини што администрацијата ги воведе минатата година.

Меѓу нив се и царините за челик и алуминиум, автомобилски делови, како и за возила што се увезуваат од Мексико и Канада.

Американските производители велат дека конкурентите од Јапонија, Јужна Кореја и Европа се соочуваат со помал товар поврзан со царините.

Еден од најспорните услови за автомобилските производители е барањето на Вашингтон возилата да содржат најмалку 50 отсто компоненти произведени во САД за да ги исполнат условите за пониски царини.

Ова барање, како и предлогот да се зголеми вкупниот удел на домашно произведени делови во возилата од сегашните 75 отсто, би создало дополнителни годишни трошоци од најмалку две милијарди долари за секој од автомобилските производители во Детроит.