Објекти како постројката за преработка „Мелакоја“ на норвешката компанија „Equinor“ во Европа до неодамна беа пред напуштање поради климатските промени и зелената политика. Но, две војни и нивното влијание врз енергетските испораки ги менуваат приоритетите, пишува „Politico“ во анализа.
Европските земји се соочуваат со предизвикувачка зима поради полупразните складишта за гас, бидејќи сè уште премногу зависат од овој енергенс за производство на електрична енергија, а пред сè за греење на домовите.
Во исто време, состојбата на пазарите е таква што многу трговци и комунални компании не сакаат да создаваат резерви од гас по високи цени, кога напролет испораките се поевтини.
Цената на природниот гас на холандската берза „TTF“ во понеделникот, 14-ти септември, надмина 82 евра за мегават-час, додека за април 2027-ма година цената е нешто над 60 евра за мегават-час.
Поради тоа, повеќето компании се потпираат на континуирани испораки на течен природен гас за без проблеми да ја поминат зимата.
Но, во Европа истовремено постои страв од непредвидливите потези на американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој повеќепати изјавува дека САД имаат доволно количества и сигурни испораки за своите сојузници, но европските лидери стравуваат дека зависноста од Вашингтон би можела да се сврти против нив.
Затоа погледите сега се насочени кон Норвешка.
Земјата не е членка на ЕУ и самата троши релативно малку гас, но обезбедува околу една третина од природниот гас и околу 15 отсто од вкупната нафта што се увезуваат во Унијата.
Приближно 25 отсто од природниот гас минува низ „Мелакоја“ и преку гасоводи се испорачува до Франција, Германија и Белгија.
Во последните години производството на гас од норвешкиот континентален појас се намали, но интересот повторно почнува да расте со промената на фокусот на европската енергетска политика – од климатските промени кон сигурноста на снабдувањето, додава „Politico“.
На Норвешка ќе ѝ бидат потребни нови инвестиции, но развојот на нови наоѓалишта би можел повторно да ги оживее оддалечените региони во земјата.
Од „Equinor“, компанијата што управува со „Мелакоја“, за „Politico“ велат дека многу европски бизниси работат на намалување на емисиите и инвестираат во обновлива енергија, но истовремено не се откажуваат од природниот гас.
Последен пример е германската „Uniper“, која на крајот на август склучи 15-годишен договор за испорака на гас со норвешката компанија.
Државата контролира 67 отсто од капиталот на „Equinor“. Самата компанија се откажа од силниот фокус на обновливите извори на енергија што го имаше пред неколку години, но сè уште ја задржува целта за постигнување нулта емисија до 2050-та година.
Норвешка ги користи приходите од трговијата со нафта и природен гас за да го финансира најбогатиот државен инвестициски фонд во светот. Неодамна неговите средства ја надминаа вредноста од два трилиони долари.
Но, самата земја троши многу малку од суровините што ги произведува.
Најголемиот дел од енергијата во Норвешка се произведува во хидроцентрали, кои обезбедуваат околу 90 отсто од енергетскиот микс. Норвежаните, исто така, во голема мера се определуваат за електрични автомобили.
Според податоците на Меѓународната агенција за енергија, во 2025-та година дури 97 отсто од новите автомобили продадени во Норвешка биле електрични.
На глобално ниво, минатата година електричните автомобили сочинувале околу 25 отсто од вкупната продажба на нови автомобили.



