Акциите на „Roblox“ во понеделникот поскапеа за повеќе од 11 отсто, откако компанијата на 11-ти септември, на конференцијата за развивачи, претстави нови алатки за креаторите на игри и нови функции за играчите, објави „Bloomberg“.
Од „Roblox“ соопштија дека креаторите ќе можат да развиваат игри како самостојни апликации за мобилни уреди, компјутери и конзоли. Играчите, пак, ќе можат да се приклучат на одредена игра преку веб-прелистувач, без потреба од инсталација.
Тие ќе можат и да продолжат да играат офлајн, како и да разговараат со пријатели додека играат различни игри.
Меѓу новите алатки е и „Roblox Build“, која им овозможува на корисници без искуство во развој на игри едноставно да опишат што сакаат да играат и потоа да ја создадат играта.
„Веруваме дека конечно стигнавме до моментот кога во нашата мобилна апликација секој ќе може да создаде 2Д игра, 3Д игра, игра со загатки – што и да го интересира“, изјави извршниот директор Дејвид Базуки во интервју за „Bloomberg TV“ во понеделникот.
Гигантот во индустријата за игри се обидува да го забрза растот, откако забележа забавување на бројот на корисници по воведувањето нови мерки за онлајн безбедност. Креаторите на содржини на платформата заработиле 1,7 милијарди долари во последните 12 месеци.
Базуки изјави дека претстојното излегување на најновата игра од серијалот „Grand Theft Auto“, во продукција на „Take-Two Interactive Software“, би можело да поттикне повеќе луѓе да играат и да создаваат игри.
„Ќе гледаме сè повеќе и повеќе содржина, не само за помладите, туку и за повозрасните играчи на платформата“, рече тој.



