„Ќе земам кредит“ – Оваа реченица одамна не значи само дека некој купува стан. Некој ја кажува затоа што конечно решил да ја смени кујната стара дваесет години, друг затоа што автомобилот веќе почесто му е на мајстор отколку пред зграда, трет затоа што прави свадба, четврти за да го испрати детето на студии, а некој едноставно има неколку стари долгови и сака да ги собере во една рата.
Кредитот во Македонија одамна е влезен во секојдневието, а најновите бројки на Народната банка покажуваат колку голема станала таа приказна. Само кај две категории – потрошувачките и станбените кредити, на крајот на јуни 2026 година граѓаните имале долг од речиси 269 милијарди денари, или околу 4,4 милијарди евра.
Најмногу пари сè уште има во потрошувачките кредити. Нивната состојба на крајот на јуни достигнала околу 150,8 милијарди денари. Но токму тука има една важна работа што често се губи кога ќе се објави статистиката. Народната банка знае колку пари банките имаат пласирано како потрошувачки кредити, но од оваа статистика не може да се види што точно купил секој граѓанин со тие пари. И тоа е логично. Кога ќе земете ненаменски потрошувачки кредит од 300.000 или 500.000 денари, банката најчесто не води статистика дали сте купиле гарнитура, сте ја реновирале бањата или сте платиле свадба. Парите завршуваат на сметката, а потоа почнува животот.
Токму затоа потрошувачкиот кредит е толку интересен. Во тие 150 милијарди денари практично е собран еден дел од секојдневието на македонските семејства. Со таков кредит се менува мебел, се купуваат бела техника и апарати, се реновира стан, се плаќа приватно лекување, школување, свадба или поголем семеен трошок. Некој со него купува автомобил, иако кредитот формално не е автомобилски. Друг го користи за рефинансирање на претходни обврски. Трет зема пари затоа што едноставно не успеал да заштеди доволно за трошок од неколку илјади евра.
Ова се типични можни намени на ненаменски кредит, а не статистика на НБРСМ за тоа каде конкретно завршиле сите 150,8 милијарди денари, бидејќи таква распределба овие податоци не даваат.
Станот станува сè поголем дел од долгот
Кај станбените кредити нема таква дилема околу намената. Тука парите се врзани за домувањето, а токму оваа категорија расте особено брзо. На крајот на јуни 2026 година станбените кредити достигнале околу 117,9 милијарди денари, наспроти приближно 101,1 милијарда една година претходно. Тоа се околу 16,8 милијарди денари повеќе за само дванаесет месеци, односно раст од околу 16,6 проценти.
Но ни ова не значи дека сме купиле 16,6 проценти повеќе станови. Ако стан што некогаш се купувал со кредит од 60.000 евра денес бара 80.000 или 90.000 евра, кредитното портфолио ќе расте и без ист процентуален раст на бројот на купувачи. А за едно младо семејство токму тука започнува вистинскиот есап. Треба учество, па кредит, па нотар, проценка, осигурување, а кога ќе се земат клучевите станот допрва треба да се среди. Кујна, плакари, кревет, маса, бела техника, осветлување, и многу лесно по станбениот кредит доаѓа потреба и од дополнителни пари за опремување.
Тоа е веројатно и најдобриот пример зошто сувата статистика не ја покажува целата слика. Во табелата стои „станбен кредит“, но во реалниот живот зад него може да стои млад пар што следните 25 години ќе одвојува дел од две плати за една рата. Во друга колона стои „потрошувачки кредит“, а зад неа можеби е истото семејство кое неколку месеци подоцна сфатило дека по купувањето на станот не останале доволно пари за да го опреми.
Има и автомобилски кредити, задолжување преку кредитни картички и дозволени пречекорувања, но тие не ја носат главната тежина на кредитната приказна. Особено е интересно што задолженоста преку кредитните картички на годишно ниво е намалена, што не се вклопува баш во популарната слика дека сите живееме со „пластика“ до следната плата. Многу поголемиот долг е скриен во две далеку пообични работи, поточно во домот и потрошувачкиот кредит.
А потрошувачкиот кредит е специфичен токму затоа што може да стане решение за речиси сè. Пет илјади евра за реновирање не изгледаат страшно кога ќе се претворат во месечна рата. Исто е со автомобил од 8.000 евра, свадба, мебел или поголем семеен трошок. Наместо прашањето „имам ли 300.000 денари?“, почнуваме да си го поставуваме прашањето „можам ли да плаќам 6.000 или 7.000 денари месечно?“. Таа промена во размислувањето е една од причините зошто кредитот толку лесно станува дел од домашниот буџет.
Проблемот се појавува кога ќе се соберат повеќе такви „подносливи“ рати. Станбен кредит, потрошувачки кредит, нешто на рати, дозволен минус. Секоја обврска сама за себе можеби изгледа разумно, но сите се плаќаат од истите една или две плати. Тогаш повеќе не е најважно колкав кредит банката е подготвена да одобри, туку колку пари ќе му останат на семејството откако ќе поминат сите рати.
Затоа бројката од речиси 269 милијарди денари не кажува дека Македонците се неодговорни или дека живеат над своите можности. Од статистиката таков заклучок воопшто не може да се извлече. Дел од долгот финансира дом што ќе остане семеен имот со децении, дел покрива реални животни потреби, а дел сигурно оди и за работи без кои би можело да се живее. Но покажува колку кредитот станал нормален дел од финансискиот живот. За многу големи работи веќе не штедиме додека не ја собереме целата сума. Ги купуваме денес, а ги плаќаме од платите што допрва треба да ги заработиме.
И можеби токму така треба да се читаат овие 269 милијарди денари. Не како една огромна банкарска бројка, туку како илјадници станови, реновирани купатила, нови кујни, автомобили, свадби, школарини и други големи и мали животни планови што сè уште не се целосно платени.
Автор: Бранко Стојкоски



