За купувачот плаќањето со картичка трае неколку секунди. Картичката се доближува до ПОС-терминалот, се слуша краток звук, на екранот се појавува „одобрено“ и трансакцијата е завршена.
За трговецот, сепак, приказната не завршува тука. Од секои 1.000 денари што купувачот ги плаќа со картичка, дел останува како надоместок за банката или другиот обезбедувач на платежни услуги.
Одговорот за тоа колкав е тој дел, во голема мера зависи од тоа колку голем бизнис сте.
Податоците од Народната банка за 2025 година покажуваат дека просечниот пондериран надоместок кај трговците кои годишно реализираат до еден милион денари промет со платежни картички изнесува околу 1,53 проценти.
Кај трговците со над 50 милиони денари годишен промет од картички, истиот просечен надоместок е околу 0,77 проценти.
Разликата на прв поглед изгледа мала, само 0,76 процентни поени, но кога ќе се претвори во пари, приказната изгледа малку поинаку.
Ако еден мал трговец наплати 1.000 денари со картичка, провизијата по просечната стапка би била околу 15 денари.
Кај голем трговец, со просечна стапка од 0,77 проценти, трошокот би бил околу 8 денари.
На 1.000 денари разликата е само неколку денари. На милиони денари промет – веќе не е.
Колку повеќе промет, толку поевтино плаќањето
Податоците многу јасно покажуваат еден класичен бизнис принцип, а тоа е дека обемот носи подобра цена.
Во 2025 година просечните стапки според големината на прометот од картички биле приближно:
- до 1 милион денари – 1,53%
- од 1 до 10 милиони денари – 1,29%
- од 10 до 50 милиони денари – 1,05%
- над 50 милиони денари – 0,77%
Просекот за сите категории изнесувал околу 1,01%.
Тоа значи дека трговецот што има голем промет има многу посилна преговарачка позиција пред банката или платежниот провајдер.
За една голема трговска компанија, мрежа на бензински станици или ланец на супермаркети, секој дел од процентниот поен вреди многу пари.
За мал локален дуќан, кафуле или продавница, пак, просторот за преговарање е далеку помал. И така се создава необичен парадокс.
Токму малите бизниси, кои имаат помал промет и помали маржи во апсолутен износ, плаќаат поголем процент за истата основна услуга – клиентот да ја доближи картичката до терминалот.
Тоа не значи дека банките едноставно „наплаќаат повеќе“ од малите компании без причина.
Цената зависи од повеќе фактори, како што се ризикот, обемот, типот на трговец, структурата на трансакциите, картичните шеми и индивидуалните договори.
Но ефектот за трговецот е многу едноставен.
Колку сте помал, толку поскапо ве чини наплатата со картичка.
Кај е-трговијата сметката е уште повисока
Особено интересни се податоците за електронската трговија. Во 2025 година просечниот надоместок кај оваа дејност изнесувал околу 1,72 проценти. Тоа е значително над вкупниот просек од околу 1%.
И тоа е важна бројка за секоја компанија што продава онлајн.
Ако интернет-продавница реализира 10 милиони денари продажба преку картички и ефективниот надоместок е околу 1,7%, само наплата со картички може да значи приближно 170.000 денари трошок годишно.
На 50 милиони денари промет, истиот процент би значел околу 850.000 денари.
Се разбира, ова е илустративна пресметка врз основа на просечната стапка. Секој трговец може да има различни договорни услови.
Но токму тоа покажува колку значаен трошок може да биде начинот на наплата.
Кога некој производ има маржа од 10 или 15 проценти, провизија од 1,5 или 2 проценти веќе не изгледа незначително, особено ако компанијата има голем број трансакции.
Провизиите сепак паѓаат
Добрата вест за трговците е дека долгорочниот тренд оди надолу. Во 2018 година вкупниот просечен пондериран надоместок бил околу 1,19%, а во 2025 година е намален на околу 1,01%.
Највидлив е падот кај најголемите трговци. Во 2018 година трговците со над 50 милиони денари промет од картички, во просек плаќале нешто над 1%, додека во 2025 стапката е околу 0,77%.
Кај трговците од 10 до 50 милиони денари, просечниот надоместок во истиот период се намалил од околу 1,20% на 1,05%.
Тоа е постепена, но јасна промена. Повеќе конкуренција, поголема употреба на картичките, раст на безготовинските плаќања и преговарачката моќ на големите трговци постепено го туркаат трошокот надолу.
Но разликата меѓу малиот и големиот бизнис останува и токму тука се отвора многу поголемо прашање.
Не е дали картичките се добри или лоши. Тие се практични, брзи и за голем број потрошувачи веќе се стандард.
Прашањето е Колку треба да чини наплатата, бидејќи за потрошувачот плаќањето од 1.000 денари е – 1.000 денари, додека за трговецот, тие 1.000 денари никогаш не се целосно 1.000.
И колку е помал бизнисот, толку поголемо парче од секоја продажба наплатена со картичка во просек останува во платежниот систем.
С.Б.



