ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАДозволен минус или кредит - што е поевтино кога ќе ви затребаат...

Дозволен минус или кредит – што е поевтино кога ќе ви затребаат пари?

Платата стигнала, сметките се платени, а до следната плата има уште две недели. Во меѓувреме откажала машината за перење, автомобилот бара поправка или едноставно се појавил трошок од 15.000 или 20.000 денари што не може да чека. Тогаш дозволениот минус изгледа како најлесното решение. Парите се веќе на сметката, нема ново задолжување на шалтер, нема чекање. Само што тие пари не се ваши.

Дозволеното пречекорување, популарно наречено минус на плата, всушност е кредит. Банката му дозволува на клиентот да троши повеќе пари отколку што реално има на сметката, а на искористениот износ пресметува камата. Во Македонија банките најчесто одобруваат лимит од две или три плати, додека кај одредени понуди лимитот може да достигне и пет месечни примања.

Тука почнува проблемот. Лесниот пристап до парите често создава чувство дека човек има поголема плата отколку што навистина има.

„Дозволениот минус треба да биде привремен алат за финансиска тешкотија. Ако постојано сте во минус, практично трошите еден месец пред своите реални можности“, предупредуваат финансиски советници кои се занимаваат со лични финансии.

Нивната препорака е едноставна: минусот има смисла кога треба да се премости краток период до следниот сигурен прилив.

На пример, ако платата легнува на петти во месецот, а на први мора итно да се плати сметка или поправка од 10.000 денари, дозволеното пречекорување може да биде практично решение. Особено ако парите се враќаат по само неколку дена.

Но, ако со минусот се купува мебел, бела техника, се плаќа одмор или се покрива дупка од 100.000 денари која со месеци нема од каде да се затвори, приказната е поинаква.

Каматите покажуваат зошто.

Кај дел од понудите на македонскиот пазар каматата за дозволено пречекорување моментално е околу 12 проценти годишно, а некои банки пресметуваат и дополнителни трошоци. Во исто време има потрошувачки кредити со каматни стапки од околу 5 до 5,5 проценти, иако условите, провизиите и ефективниот вкупен трошок се разликуваат од банка до банка. Има и банки кај кои каматата на минусот е пониска, па затоа не треба автоматски да се претпостави дека секој кредит е поевтин. Треба да се спореди целата понуда.

Економистите затоа советуваат клиентот да не гледа само колку пари може веднаш да добие, туку колку долго планира да ги должи.

„За неколку дена и за мал износ минусот може да ја заврши работата. За поголем трошок што ќе се отплаќа со месеци, треба да се спореди со класичен потрошувачки кредит“, е советот што најчесто го даваат финансиските познавачи.

Има уште една замка. Кога платата ќе пристигне на сметката, таа автоматски го намалува минусот. Но, ако семејството повторно мора да ги потроши тие пари за храна, сметки, гориво и други редовни трошоци, сметката повторно оди надолу. Така човек може со месеци да биде една плата „назад“. Нема класична рата што јасно покажува колку долг останал, па минусот станува дел од секојдневието.

Пречекорувањето се зема предвид и при оценувањето на задолженоста на клиентот. Банкарските правила при пресметката на кредитната способност ги земаат предвид и обврските поврзани со овој производ.

Затоа правилото е прилично практично. Итна сметка од неколку илјади денари што ќе биде покриена со следната плата може да помине преку дозволен минус. Нов мебел, реновирање, автомобил или поголем семеен трошок што ќе се враќа половина година или подолго веќе бара пресметка за кредит.

Бидејќи најопасниот минус не е оној што ќе го искористите денес. Туку оној во кој ќе се навикнете да живеете секој месец.

Б.З.М.