Во многу македонски семејства приказната се повторува секој месец. Легнуваат платите, се плаќаат сметките, се оди во маркет, се полни резервоарот, децата бараат нешто за училиште или градинка, ќе излезе и некој непланиран трошок и одеднаш се поставува старото прашање: каде отидоа парите?
Тогаш обично почнува и второто прашање. Кој всушност треба да управува со домашниот буџет?
Финансиските советници велат дека одговорот нема врска со тоа кој е маж, а кој жена, ниту со тоа кој носи поголема плата дома. Со парите треба да се занимава оној што подобро планира, ги следи трошоците и има волја редовно да се занимава со семејните финансии.
„Со парите треба да управува оној што е попаметен за финансии“, е едно од поедноставните објаснувања што го даваат финансиските советници.
Под „попаметен“ не се мисли на образование или професија, туку на човекот што знае однапред да пресмета што мора да се плати, што може да почека и колку треба да остане на страна.
Во пракса, тоа може да биде сопругот, сопругата или двајцата заедно.
Познавачите на личните финансии предупредуваат дека најлошата варијанта е еден партнер целосно да располага со парите, а другиот воопшто да не знае колкави се приходите, долговите, ратите или заштедата. И кога едниот го води буџетот, другиот треба да има јасна слика што се случува со семејните пари.
„Нема еден модел што одговара на сите“, посочуваат советниците за лични финансии.
Некои двојки ги спојуваат сите приходи, други имаат посебни сметки, а трети користат заеднички фонд само за кирија или кредит, струја, вода, храна и останатите заеднички обврски. Најважно е правилата да бидат однапред договорени.
Токму тука најчесто се крши работата.
Ако едниот смета дека 10.000 денари може да се потрошат на нешто што го сака, а другиот веќе ги пресметал тие пари за регистрација на автомобилот, зимници, сметки или рата за кредит, кавгата практично е подготвена. Не затоа што некој нужно троши премногу, туку затоа што нема договор што е приоритет.
Економистите и финансиските советници затоа препорачуваат барем еднаш месечно приходите и расходите буквално да се стават на хартија или во едноставна табела. Колку пари влегуваат дома, колку одат за фиксни трошоци, колку за храна и превоз, дали има рати и долгови и што останува по сето тоа.
Потоа доаѓа потешкиот дел. Желбите.
Нов телевизор, летување, автомобил, нов мебел, телефон на рати… Сето тоа изгледа достижно додека не се соберат бројките. Финансиските советници велат дека токму пресметката понекогаш носи непријатно сознание дека нешто едноставно не може да се купи во моментот.
Но подобро е тоа да се види пред купувањето отколку кон крајот на месецот.
„Планирањето е почеток и крај на финансиите“, порачуваат финансиските советници, предупредувајќи дека проблемите со парите често не почнуваат во месецот кога семејството останало без доволно средства, туку многу порано, кога биле преземени обврски без добра пресметка.
Заедничка сметка исто така не е магично решение. Таа може да го олесни плаќањето на сметките и следењето на трошоците, но советниците препорачуваат партнерите однапред да договорат колку ќе уплаќа секој и кои трошоци ќе се плаќаат од тие пари.
Кај парови со различни приходи, придонесот не мора секогаш да биде половина на половина. Може да се приспособи на можностите на секој партнер.
Значи, прашањето не е кој треба да ја држи картичката или кој треба да го има последниот збор.
Прашањето е кој ќе води сметка парите да стигнат до следната плата, сметките да бидат платени, да остане нешто на страна и двајцата да знаат каде се наоѓа семејството финансиски.
Ако тоа го прави едниот подобро, нека го води буџетот. Ако го прават добро двајцата, уште подобро.
Само сметките, за жал, не ги интересира кој е главен во куќата.
Б.З.М.



