ПочетнаКОМПАНИИ„Anthropic“ очекува оперативна добивка и во тековниот квартал

„Anthropic“ очекува оперативна добивка и во тековниот квартал

„Anthropic“ соопштила на мала група акционери дека и во тековниот квартал ќе оствари прилагодена оперативна добивка, објави во неделата „Financial Times“.

Тоа би бил втор последователен период во кој компанијата работи профитабилно, додека се подготвува за иницијална јавна понуда на акции (IPO), пишува „Bloomberg“.

Овој показател ги исклучува одредени вонредни или еднократни трошоци. Бруто-маржите на компанијата за вештачка интелигенција надминуваат 80 отсто, пред да се земат предвид плаќањата за поделба на приходите со партнери како „Amazon.com“, како и трошоците за тренирање на моделите со вештачка интелигенција, велат извори запознаени со ситуацијата за „Financial Times“.

Веста доаѓа во момент кога производителот на „Claude AI“ се подготвува за „IPO“ со цел да достигне или да го надмине рекордното вреднување од 86,3 милијарди долари што го постигна „SpaceX“ претходно годинава. Компанијата го избрала „Nasdaq“ како берза на која ќе ги котира своите акции, изјавил во неделата за „Bloomberg News“ извор запознаен со ситуацијата.

Компаниите од секторот на вештачката интелигенција брзаат да обезбедат дополнително финансирање преку продажба на акции, издавање должнички инструменти и излегување на берза, бидејќи се соочуваат со огромни потреби за капитални инвестиции предизвикани од ненаситната побарувачка за компјутерска моќ. Anthropic е пред финализирање револвинг кредитна линија во вредност од 15 милијарди долари овој месец, објави „Bloomberg News“.

Иако секторот придонесе за силен раст на вредноста на акциите, сè поголемата загриженост за потенцијалните егзистенцијални закани што ги носи брзиот развој на технологијата за вештачка интелигенција ги натера клучните играчи во индустријата да повикаат на воведување заштитни мерки.

Во саботата, извршниот директор на „Anthropic“, Дарио Амодеи, заедно со извршниот директор на „OpenAI“, Сем Алтман, и шефот на „SpaceX“, Илон Маск, повикаа на забавување на темпото на развој на вештачката интелигенција, посочувајќи на зголемените ризици.

Алтман во интервју за „Fortune“ изјави дека неговата компанија нема да ги понуди своите акции на берзата годинава поради загриженоста околу безбедноста.

Врз основа на досегашното работење, „Anthropic“ е на пат да оствари годишни приходи од повеќе од 65 милијарди долари, што е повеќе од седумпати поголем приходен ритам во споредба со крајот на минатата година.