Само неколку месеци откако Канада и САД влегоа во најтешката билатерална трговска војна во својата современа историја, телефоните на највисоките европски функционери почнале да ѕвонат.
Од другата страна на Атлантикот бил канадскиот премиер Марк Карни, кој инсистирал односите на Канада со ЕУ да се подигнат на ново ниво – смел потег со кој би се преуредиле економските врски во западниот сојуз, пишува „Wall Street Journal“.
Со месеци канадскиот премиер водел разговори зад затворени врати со речиси сите важни европски лидери – од Франција до Италија, Германија и скандинавските земји, па дури и со некои помалку познати членови на европските кралски семејства. Тема на разговорите било како да се продлабочат врските меѓу Канада и нејзините 41 милион жители со 27-те земји членки на ЕУ.
Сега Карни го забрзува пренасочувањето на Канада кон Европа, склопувајќи своевиден „брак од нужда“ за да ги ублажи последиците од раздвојувањето со САД. Практично, заканата Канада да стане 51 сојузна држава на САД го турка северниот сосед на Америка толку блиску до Европа што европските лидери почнале, делумно и на шега, да ја нарекуваат најнов член на ЕУ.
Карни му наложил на својот специјален пратеник во Европа да ги испита најамбициозните можности за соработка, без целосно членство во ЕУ или во нејзиниот единствен пазар, велат извори запознаени со разговорите. Деталите за посакуваното пренасочување на канадската економија и општество, кои половина век беа доминантно ориентирани кон САД, сè уште ги разработуваат техничките работни групи.
Карни дури им предложил на европските лидери Канада да добие нов статус – „асоциран член на Европската унија“. ЕУ, која не е позната по особено флексибилните правила за прием на нови членки, сепак е отворена за оваа идеја, велат официјални претставници од двете страни.
Покрај официјалните пратеници на Карни, во процесот се вклучени и неформални советници од финансискиот и политичкиот свет. Некои од нив се членови на Книжевен клуб во Отава, кој Карни веќе нема време да го посетува. Тие на шега велат дека ги следат правилата од филмот „Боречки клуб“: „Првото правило на Книжевниот клуб е да не зборуваме за Книжевниот клуб“, велат неколку негови членови за „WSJ“.
Резултатот од повеќемесечните разговори е тоа што европските и канадските претставници бараат начини Канада неформално да биде вклучена во европскиот единствен пазар вреден 21 трилион долари, вклучително и во стратешките синџири на снабдување во области како енергетиката, вештачката интелигенција, критичните суровини потребни за производство на батерии и полупроводници, како и во најитната област – одбраната.
Во пракса, канадските стоки, услуги и работници во овие сектори би можеле непречено да се движат меѓу Европа и северниот сосед на Америка, со што би се избришале границите каде што завршуваат економските граници на ЕУ.
Во разговорите со Франција, чиј претседател Емануел Макрон често разговара со Карни, дури се појавила идеја Канаѓаните да добијат можност да живеат и работат во Европа без визи, велат два извора запознаени со разговорите.
Двете страни разговараат и за поставување подводни кабли што би ги поврзале Европа и Канада, како и за заедничка изградба на центри за податоци, системи за складирање податоци во облак и нови сателитски мрежи независни од американските технолошки гиганти.
Карни инсистира и на изградба на гасоводи што ѝ се потребни на Канада за да го пренасочи гасот што вообичаено се испорачува преку границата со САД кон европските сојузници, кои сè уште имаат тешкотии да ги заменат руските енергенси.
Според неговата визија, мразокршачи би можеле да отворат арктичка рута по која канадските вештачки ѓубрива би се транспортирале кон исток, преку Северозападниот премин, кој со векови ги привлекувал истражувачите кон Северниот Леден Океан.
Канада и ЕУ сакаат да воспостават и поголема соработка меѓу научноистражувачките институции, со цел создавање истражувачка мрежа што би можела да ѝ конкурира на американскиот универзитетски систем.
Карни инсистира неговата земја да се приклучи и на програмата на ЕУ за студирање во странство, со надеж дека Европејците и Канаѓаните ќе можат да посетуваат универзитети во двете средини.
Целиот обем на преговорите, кои често се заплеткуваат во технички детали, како европските правила за потекло на стоките, речиси и да не е забележан во Белата куќа.
Но, тоа се претвора во една од најзначајните и најризични реакции на вториот мандат на Доналд Трамп. Канада го насочува околу две третини од својот извоз преку најдолгата копнена граница во светот.
Двете земји долго време беа столбови на економскиот и геостратешкиот сојуз познат како Запад, а Белата куќа очекува нивната меѓусебна зависност да ја принуди Канада да се врати на преговарачка маса, подготвена на отстапки.
Карни, кој се школувал во Европа, со сопругата се запознал во Велика Британија и седум години беше гувернер на Банката на Англија, се обложува дека ќе успее да ја насочи Канада – земја која некогаш била позната како Британска Северна Америка – повторно кон Стариот Континент.
„Зарем не би било убаво Канада да стане 28. земја членка на ЕУ, наместо 51 сојузна држава на САД?“, прашал финскиот претседател Александар Стуб, кој редовно разговара со Карни.
Новиот сојуз, сепак, се соочува со потенцијални пречки.
Иако Карни засега има голема популарност, неговата позиција во земјата може да ослаби откако Канаѓаните ќе ги почувствуваат целосните последици од пренасочувањето кон Европа.
Соочена со сепаратистичките движења во Алберта и Квебек, Отава би можела да се спротивстави на отстапувањето каков било дел од својот суверенитет заради поблиско поврзување со ЕУ.
Земјите чии компании имаат целосен пристап до единствениот пазар на Унијата придонесуваат во буџетот на ЕУ, прифаќаат работници од земјите членки и ги почитуваат нејзините правила.
Дополнително, Европа тешко би можела да ја замени трговијата со јужниот сосед на Канада, која претходно беше регулирана со НАФТА, особено имајќи предвид дека канадската економија расте со половина од темпото на американската.
Во приватни разговори, некои од највисоките европски претставници изразиле загриженост околу можноста амбициите на Карни да се претворат во реалност.
Десет европски земји сè уште го немаат ратификувано претходниот трговски договор со Канада, постигнат пред една деценија.
По искуството со Брегзит, тие не можат да му понудат на Карни толку поволни услови што би можеле да ги натераат други земји членки да размислуваат за напуштање на Унијата и да бараат договор по канадски модел.
Сепак, некои европски претставници почнуваат да гледаат на Канада како тест за тоа дали Унијата, позната по својата бирократија, може да понуди нови, пофлексибилни модели за поврзување со демократски земји со слични вредности, кои бараат сигурни партнери.
Во четврток Карни ќе се обрати пред Европскиот парламент, каде што ќе ја претстави својата визија за воспоставување поблиски врски со Европа.
Двете страни потоа ќе објават низа нови работни групи на билатерална средба, во обид идеите да ги претворат во конкретни проекти.



