Германските компании ги зголемиле инвестициите во Кина за една третина во првата половина од 2026-та година, додека истовремено значително ги намалиле инвестициите во САД, покажува истражување на Германскиот економски институт (IW), пренесува „Reuters“.
Германските компании во Кина инвестирале 5,6 милијарди евра повеќе во споредба со истиот период минатата година, покажува анализата на „IW“, заснована на податоците на Бундесбанк. Тоа е во согласност со просечното полугодишно ниво на инвестиции во периодот од 2020-та до 2025-та година.
„Германските компании немаат друг избор освен да продолжат да инвестираат во Кина“, коментира Јирген Матес од „IW“, посочувајќи дека Кина е важен пазар за продажба, но и „тренинг-полигон“ каде што компаниите можат да ги зајакнат своите конкурентски предности.
Матес забележува дека државните субвенции и потценетиот јуан вештачки го намалуваат трошокот на производството во Кина, поттикнувајќи ги германските компании да го прошират своето работење во земјата и да се натпреваруваат со кинеските компании на глобалниот пазар.
„За Германија тоа значи дека производството и работните места се префрлаат во Кина“, посочува Матес.
„ЕУ мора да стави крај на оваа неправедна игра и да воведе израмнителни царини за увозот од Кина“, додава тој.
Инвестициите во САД се намалиле за речиси две третини, на околу 4,3 милијарди евра, во услови на зголемени трговски тензии и американските царини што ги воведе претседателот Доналд Трамп, покажува истражувањето.



