Еврокомесарката за финансии Марија Луис Албакерки ја поддржа идејата за прекугранични спојувања на банки во Европската Унија, оценувајќи дека голем дел од предизвиците со кои се соочува банкарскиот сектор произлегуваат од недостигот на доволен обем.
Големите трансакции меѓу банки од различни земји членки „одамна требаше да се случат – сепак, ние сме банкарска унија“, изјави таа во интервју за „Bloomberg“, осврнувајќи се на долгогодишниот, но сè уште недовршен процес на интегрирање на банкарскиот систем на ЕУ.
„Чудно е што тие сè уште не се случиле“, додаде Албакерки.
„Навистина веруваме дека поголемиот обем и прекуграничното работење на крајот ќе им донесат корист на клиентите“, рече таа.
Според неа, не станува збор за банките како цел сами по себе, туку за признавањето на исклучително важната улога што тие ја имаат во европската економија.
Иако „не е работа на Комисијата да кажува дали банките треба да бидат големи или мали“, Албакерки нагласи дека е важно „да имаме регулаторна рамка што нема да ги спречува добрите деловни модели да постигнат поголем обем“.
Нејзините коментари доаѓаат по повеќемесечните несогласувања меѓу политичари и банкарски менаџери во Германија и Италија околу планот на „UniCredit“ да ја преземе „Commerzbank“.
Преземањето се смета за клучен тест за консолидацијата на банкарскиот сектор во ЕУ. Сепак, банки како австриската „Erste Group Bank“ и шпанската „Banco Santander“, кои склучија договор во Полска, покажаа дека прекуграничните спојувања во рамките на ЕУ се можни.
Албакерки го поздрави преиспитувањето на насоките за спојувања од страна на Европската комисија, со кое се отвора поголем простор за создавање таканаречени „европски шампиони“ и сојузи што поттикнуваат иновации.
„Овој променет пристап го одразува сознанието дека конкурентното опкружување драстично се промени и дека треба да го разгледуваме на поинаков начин“, објасни таа.
Правилата на ЕУ за конкуренција се фокусираат на тоа како трансакциите би влијаеле врз таканаречениот „релевантен пазар“. Начинот на кој регулаторите го дефинираат тој пазар може да биде одлучувачки за тоа дали одредена трансакција ќе биде блокирана или одобрена.
„Би рекла дека за финансискиот сектор релевантен пазар е Европа, бидејќи нашите конкуренти се големи јурисдикции надвор од Европа“, рече португалската еврокомесарка.
Албакерки исто така ја поддржа идејата за проширување на пазарната инфраструктура на ЕУ.
„Некои бизниси можат да бидат мали и одлични. Пазарите на капитал не се меѓу нив. Тоа е мрежна индустрија. Ни треба тој обем“, рече таа.
Банките бараат поделба на пакетот реформи
Албакерки ги отфрли и барањата на банките за раздвојување на големиот пакет реформи со кој треба да се поттикне финансискиот систем на ЕУ.
Во интервјуто таа изјави дека за Европа е најдобро реформите да ги спроведе преку единствен пакет, со мерки што ќе ја намалат бирократијата, ќе ги намалат бариерите за прекуграничното работење и ќе олеснат дел од регулативите.
„Ова не е заради банките, туку заради економијата на ЕУ“, нагласи Албакерки.
Таа додаде дека доколку Европа навистина сака да направи нешто значајно, реформите мора да се гледаат како единствен пакет бидејќи „сè е поврзано“.
Минатата недела лидерите на 11 водечки банки од ЕУ, Швајцарија и Обединетото Кралство повикаа Унијата да им даде приоритет на реформите за „поедноставување“ во рамките на планот и да остави повеќе време за разговори за сложените прашања, како што е европскиот предлог за заедничко осигурување на депозитите на ниво на целата Унија.
Банките стравуваат дека несогласувањата околу системот за осигурување на депозитите би можеле да го загрозат целиот пакет, кој ЕУ вети дека ќе го објави до првиот квартал од следната година.
Албакерки, сепак, не се согласува со таквите проценки. Таа посочи дека ситуацијата „драматично“ се променила од последниот неуспешен обид на Европа да ја спроведе оваа идеја во 2022-ра година.
„Никогаш не сум видела толку едногласен повик да се приближиме, да работиме поблиску заедно и да се соочиме со ова како Европа, а не како одделни земји членки“, рече таа.
Според неа, тука не станува збор само за техничка дебата, туку за политика. А политиката е поврзана со она што се случува околу и внатре во Европа.
„Токму тука гледам поголема желба од кога било досега“, додаде Албакерки.
Според неа, решавањето на прашањето за осигурувањето на депозитите ќе ѝ овозможи на Европа да ги отстрани националните бариери што го блокираат движењето на капиталот и ликвидноста меѓу различните земји.
Тоа би помогнало да се намали фрагментацијата за која Европската комисија смета дека го кочи финансискиот систем на Унијата.
Во меѓувреме, САД под администрацијата на претседателот Доналд Трамп брзо ги ублажуваат регулативите и надзорот во финансискиот сектор, додека Велика Британија спроведува серија реформи, меѓу кои и намалување на нивото на капитал што банките мора да го одржуваат.
Еден од најспорните аспекти што ЕУ ги отвори во јули е преиспитувањето на новото глобално капитално правило, познато како „долен праг“, кое ги ограничува банките во користењето сопствени модели за намалување на капиталните барања.
Европската централна банка се спротивставува на промената.
Албакерки за „Bloomberg“ изјави дека меѓу надзорните органи и Европската комисија се води „тековен дијалог“ за оваа мерка.
ЕУ побара од банките да дадат мислење за предлозите до 17-ти септември.
Во тој контекст, Албакерки изјави дека последниот круг консултации резултирал со повеќе од 10.000 страници доставени мислења и забелешки.



