ПочетнаЕКОНОМИЈАШто ако снема струја додека вадите пари од банкомат?

Што ако снема струја додека вадите пари од банкомат?

Картичката е внатре, ПИН-кодот е внесен, сте избрале колку пари сакате да подигнете и во тој момент банкоматот се гаси. Нема екран, нема пари, а понекогаш нема ни картичка назад. Првата реакција обично е паника: дали трансакцијата поминала, дали парите се симнати од сметката и, најважно, што сега?

Ваквата ситуација не е вообичаена, но може да се случи поради прекин на струја, прекин на комуникациската врска или друг технички проблем. И македонските банки во своите услови за користење платежни услуги ги предвидуваат прекините во електричната енергија и техничките дефекти на банкоматите како можни причини за проблем при трансакција.

Најважно е корисникот прво да утврди што точно се случило.

Ако струјата се врати, а банкоматот по рестартирањето не ја врати картичката, не треба повторно да се притискаат копчињата ниту да се прават обиди картичката физички да се извлече од уредот. Треба да се запишат или фотографираат локацијата на банкоматот, времето кога се случил проблемот и, доколку е истакнат, бројот на самиот банкомат.

Потоа се контактира банката.

Практиката кај банките во Македонија е корисникот да се јави во контакт-центарот или да се обрати во експозитура кога банкоматот ќе ја задржи картичката. Постапката за нејзино враќање зависи од банката и од тоа чиј е банкоматот. Некои банки конкретно советуваат, доколку не може да се потврди дека картичката навистина останала во уредот, таа веднаш да биде блокирана за да се спречи евентуална злоупотреба.

Тоа е особено важно ако банкоматот повторно проработел, но од картичката нема ни трага.

Една корисничка која се нашла во таква ситуација раскажала дека најнепријатниот дел било токму чекањето пред изгаснатиот банкомат.

„Прилично е стресно кога гледаш во црн екран и не знаеш што ќе се случи“, објаснила таа.

А што ако нема пари, а сметката е задолжена?

Ова е веројатно уште понепријатната варијанта.

Да речеме дека сте побарале 10.000 денари. Банкоматот се гаси пред да ја исплати готовината, а на мобилното банкарство гледате дека сумата е повлечена од сметката.

Во таков случај не треба веднаш да се заклучи дека парите се изгубени. Треба да се провери состојбата на сметката и да се контактира банката, а доколку трансакцијата останала евидентирана како извршена, да се поднесе рекламација.

Банкарската документација предвидува можност за рекламации поврзани со платежни картички, а од корисниците се бара спорните трансакции да ги пријавуваат без непотребно одлагање. За општите приговори банката треба да одговори во рок од 15 работни дена, а кога постојат причини надвор од нејзина контрола, рокот може да биде продолжен, при што клиентот треба да биде известен. Кај картичните трансакции постапката може да зависи и од правилата на картичната платежна шема.

Корисно е да се зачува и секоја потврда што ја издал банкоматот. Дел од банките дури советуваат потврдите за подигнување готовина да се чуваат токму поради можни рекламации и проверка на трансакциите.

Значи, ако банкоматот ненадејно згасне, нема потреба од трчање по банкнотите што не излегле или од удирање по машината. Проверете ја сметката, запишете каде и кога се случил проблемот и веднаш јавете се во банката.

А ако картичката исчезнала, а никој не може да потврди каде е, блокирањето е најсигурниот потег. Подобро неколку минути работа со банката отколку подоцна многу поголема главоболка.

Б.З.М.