Два стана од по 70 квадрати, на само неколку улици растојание, можат да имаат разлика од десетици илјади евра. На хартија изгледаат речиси исто. Во реалноста, едниот има гаража, сонце во дневната соба, парк пред зграда и училиште на пет минути пеш, а другиот гледа во соседната фасада и секоја вечер почнува иста битка: каде да се остави автомобилот.
Токму тие „ситници“ денес сè повеќе ја диктираат цената на станот во Македонија, особено во Скопје.
Податоците за пазарот покажуваат дека локацијата останува еден од најсилните фактори. Во 2025 година меѓу најактивните скопски општини биле Центар, Аеродром и Карпош, каде истовремено биле забележани и едни од највисоките просечни цени на становите. Во првиот квартал од 2026 година цените на становите во Скопје продолжиле силно да растат.
Но, веќе не е доволно во огласот само да пишува „Центар“ или „Аеродром“.
Купувачите гледаат што има околу зградата. Колку е далеку маркетот? Има ли градинка, училиште, аптека, амбуланта? Може ли човек пеш да заврши половина од секојдневните обврски или за секое купување леб мора да го запали автомобилот?
Токму добро организираната населба, зеленилото и близината до потребните услуги се меѓу карактеристиките што ја зголемуваат привлечноста, а со тоа и вредноста на недвижноста.
„Цените пораснаа драстично, особено поради побарувачката. Понудата е ограничена, а интересот огромен“, објаснува посредник од секторот за недвижности за состојбата на скопскиот пазар. (Денар)
Паркингот е приказна сама за себе.
Во делови од Скопје каде секое слободно место меѓу две згради е вистинска премија, сопственото паркинг или гаражно место веќе не се гледа само како удобност. Тоа е дел од вредноста на имотот. Цените на гаражите и паркинг-местата со години растат токму поради нивниот недостиг, особено во погусто изградените населби.
Следува самиот стан.
Катот, ориентацијата и природната светлина можат сериозно да влијаат врз интересот на купувачите. Стан со добро осветлен дневен престој, отворен поглед и пристојна тераса полесно привлекува внимание од стан со иста квадратура кој е темен или цел ден гледа во ѕидот на соседната зграда.
И актуелните огласи покажуваат дека агенциите редовно ги истакнуваат ориентацијата, катот, терасата, природната светлина, паркингот и отворениот поглед како важни карактеристики на недвижноста.
Важен станува и распоредот.
Не значи многу станот да има 80 квадрати ако половина од нив се изгубени во долг ходник, мали нефункционални соби и чудни агли. Купувачите сè почесто бараат отворен дневен простор, нормална тераса, одвоен дел за спалните соби, дополнителен тоалет кај поголемите станови и место за машините и домашните уреди.
Со други зборови, два исти квадрата веќе не вредат исто.
„Цената по квадратен метар често е определена од карактеристиките на самиот стан“, се посочува во анализите на понудата, при што ориентацијата и внатрешниот распоред можат да направат разлика и меѓу станови со речиси идентична квадратура.
На крајот, купувачот не плаќа само бетон и квадратни метри. Плаќа утро без барање паркинг, сонце во дневната, парк за детето, маркет зад аголот и десетина минути помалку изгубени во автомобил.
А токму тие десет минути, добра тераса и едно гаражно место понекогаш знаат да чинат многу.
Б.З.М.



