ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈАТранспортерите се пишманија, најавениот протест за на 14ти септември нема да се...

Транспортерите се пишманија, најавениот протест за на 14ти септември нема да се реализира!

Транспортерите утре не излегуваат на радикален протест. Ќе и дадат уште една шанса на Европската Унија да размисли и да ја укине мерката за престој на лица кои не се дел од унијата. Со оваа мака не се опфатени само македонските превозници, туку и камионџиите од цел регион, и тие најавуваа протести на граничните премини кон ЕУ, бидејќи не се согласуваат со новите правила на Европската унија за ограничен престој во земјите од шенген зоната. Сите имаат заеднички став кој е јасен, тие не се туристи туку работници. Правилото на ЕУ вели дозволен престој само 90 во 180 дена.

Од Ацоцијацијата на транспортери на Македонија Макам-транс велат дека по остварена средба со претставници на дел од државите членки на Шенген Зоната, а преку Мисијата на Европска Унија со седиште во Белград, претставниците на превозниците од четирите држави на Западен Балкан – Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора се договорија да не го реализираат најавениот протест на 14.09.2026 година со затворање на граничните премини кон државите на Европска Унија.

„На овој начин покажавме добра волја и разбирање за проблемите кои би настанале со прекинување на синџирот на снабдување на стока меѓу Западен Балкан и ЕУ и искажавме доверба на ветувањето дека ќе се забрза процесот за изнаоѓање на соодветно решение за професионалните возачи и нивниот престој во Шенген Зоната подолг од 90/180 дена, до изгласување на новата визна стратегија во втората половина на 2027 година“, велат од Макам-транс.

Ресорниот министер Александар Николовски пак вели дека постои решение, па и доколку Европската Унија не се согласи на барањата на професионалните возачи.

„Имаме целосно разбирање за транспортерите и се обидуваме во рамките на нашите можности да помогнеме и да изнајдеме решение. Се работи за правила во Шенген-зоната и за правила што ги уредува Шенген-зоната. Она што ние можеме да го направиме е да потпишуваме билатерални договори со земјите членки на Шенген-зоната. Тоа веќе го правиме, веќе постигнавме договор со неколку земји, а во следниот период интензивно ќе работиме на договор со други земји. Во септември е најавена средба на високо ниво со австриската влада, а во октомври е најавена средба и со словенечката“, изјави министерот за транспорт Александар Николовски.

Инаку, владите на Македонија, Црна Гора, Србија и на БиХ имаа заеднички преговри ова правило да биде укинато, но тие преговори не завршија позитивно за транспортерите од регионот, со еден збор Европската Унија не попушти. Со проблемот се соочуваат околу 17.000 професионални возачи од земјава, а на ниво на држави од Западен Балкан бројката се искачува на 100.000.

За утре беше најавен протест пред граничните премини на четирите држави Македонија, Србија Босна и Херцеговина и Црна Гора кои водат кон држава членка на ЕУ.

И.П.