Кина привремено ја запира изградбата на нови проекти за производство на батерии, вклучително и батерии за складирање енергија, додека не заврши анализата на производствениот капацитет на индустријата, која е планирана за крајот на годината, објави „Bloomberg“.
Се очекува работата на проектите кои веќе се одобрени или се во фаза на изградба да продолжи. Од друга страна, проектите кои сè уште се во фаза на планирање би можеле да бидат стопирани, објави „Shanghai Securities News“.
Мерката следува откако регулаторите двапати во текот на годината ги предупредија производителите да избегнуваат прекумерно зголемување на производствениот капацитет.
Кинеските власти се обидуваат да спречат индустријата за батерии да ја доживее судбината на кинескиот соларен сектор, кој доминира во светското производство, но чии водечки компании претрпеа загуби од милијарди долари откако брзото отворање нови фабрики го надмина растот на побарувачката и доведе до жестоки ценовни војни.
Меѓу јануари и јули годинава биле потпишани договори за околу 100 нови проекти за проширување на производствениот капацитет, со вкупен годишен капацитет од околу 2.608,5 гигават-часови.
Тоа е повеќе од вкупното производство од 1.755,6 гигават-часови остварено во 2025-та година, се наведува во извештајот.
Акциите на кинеските производители на батерии во петокот забележаа пад на берзите. Акциите на водечкиот производител во секторот, „Contemporary Amperex Technology Co. Ltd“ (CATL), поевтинија за повеќе од 2 проценти во Шенжен.
Уште поголем пад забележаа помалите конкуренти, меѓу кои „Sunwoda Electronic Co“ и „Eve Energy Co“.
Падот ги зафати и цените на суровините. Цената на литиум карбонатот на фјучерс-пазарот во Гуангжу се намали за повеќе од 7 проценти.
Аналитичарите на „Morgan Stanley“, меѓу кои и Џек Лу, очекуваат ограничувањата да им помогнат на производителите кои користат поголем дел од своите производствени капацитети.
Според банката, „CATL“ во првата половина од годинава имала искористеност на капацитетите од 95 проценти, во споредба со просекот во индустријата од 65 проценти.
„Доколку политиката се применува доследно, таа би можела да го забрза консолидирањето на индустријата, да ја зголеми искористеноста на капацитетите и да придонесе за порационална конкурентска средина, како на пазарот на батерии за електрични возила, така и на пазарот за складирање енергија“, наведуваат аналитичарите на „Morgan Stanley“.



