„Adobe“ објави прогноза за приходите која остана малку под очекувањата на аналитичарите, што ги засили стравувањата дека новите компании во областа на вештачката интелигенција му нанесуваат штета на бизнисот на производителот на софтвер, објави „Bloomberg“.
Приходите на компанијата во кварталот што завршува во ноември ќе бидат меѓу 6,8 и 6,85 милијарди долари, соопшти „Adobe“ во петокот. Средината на овој опсег е под просечната прогноза на аналитичарите од 6,85 милијарди долари, според податоците собрани од „Bloomberg“.
Производителот на софтвер се соочува со криза на довербата кај инвеститорите, поттикната од влијанието на вештачката интелигенција. Познат по алатките како „Photoshop“, софтверот на „Adobe“ долго време е стандард за професионалците во креативната индустрија и маркетингот. Но, генеративната вештачка интелигенција го олесни создавањето визуелна содржина без скапите производи на компанијата, додека многу од најпопуларните нови алатки засновани на вештачка интелигенција ги развија конкурентски компании.
Акциите на „Adobe“ поевтинија за околу 2 отсто во продолженото тргување, откако редовното тргување во Њујорк го завршија на 248,83 долари. Нивната вредност пред објавувањето на кварталниот извештај беше за 29 отсто пониска од почетокот на годината.
Компанијата соопшти дека прилагодената добивка ќе биде меѓу 6,30 и 6,35 долари по акција. Аналитичарите во просек очекуваа 6,30 долари по акција.
Минатата недела „Adobe“ го назначи еден од раководителите на своите оддели, Анил Чакраварти, за нов извршен директор, со почеток од 1-ви декември. Тој ќе го наследи Шантану Нарајен.
Одлуката ги изненади дел од инвеститорите, бидејќи одделот со кој раководи Чакраварти – софтверот за маркетинг и аналитика – е значително помал од водечкиот оддел на компанијата за креативни производи. Другиот главен кандидат за функцијата извршен директор, Дејвид Вадхвани, го раководи креативниот бизнис на „Adobe“. Тој ќе ја напушти компанијата подоцна овој месец.
„Слабата прогноза за четвртиот квартал отвора прашања за тоа како ‘Adobe’ ќе продолжи да се натпреварува – и каква стратегија ќе избере нејзиниот нов извршен директор – во време кога вештачката интелигенција го трансформира пазарот на креативен софтвер“, изјави во белешка аналитичарката на „Emarketer“, Грејс Хармон.
Од „Adobe“ велат дека компанијата ќе има корист од преминот кон вештачката интелигенција. Годишните повторливи приходи од производите во кои вештачката интелигенција е во центарот на понудата се зголемиле за повеќе од 150 отсто во последниот квартал, соопшти компанијата. „Adobe“, исто така, го надмина прагот од една милијарда активни корисници месечно.
Во третиот квартал од фискалната година, кој заврши на 28-ми август, приходите се зголемиле за 13 отсто, на 6,76 милијарди долари. Прилагодената добивка изнесувала 6,13 долари по акција. Аналитичарите во просек очекуваа добивка од 6,08 долари по акција и приходи од 6,7 милијарди долари.
По назначувањето на новиот извршен директор, „Adobe“ сè уште бара финансиски директор. Компанијата во јуни соопшти дека актуелниот финансиски директор Дан Дерн ќе ја напушти функцијата, а вишиот потпретседател Стив Деј привремено ќе ја извршува должноста додека не биде назначен негов наследник.



