ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропа потрошила рекордни 7,3 милијарди евра за руски гас од Арктикот до...

Европа потрошила рекордни 7,3 милијарди евра за руски гас од Арктикот до крајот на август

И покрај јавните изјави дека економските врски со Русија ќе бидат прекинати, Европа само за нешто повеќе од осум месеци годинава платила околу 7,28 милијарди евра за течен природен гас (LNG) од рускиот арктички проект „Јамал“.

Сумата е повисока од 7,3 милијарди евра, колку што Европа потрошила во текот на целата 2025-та година, објави „Euronews“.

Податоците се дел од истражување на „Urgewald“, невладина организација која ги следи финансиските институции и компаниите што поддржуваат проекти штетни за климата.

Во периодот од јануари до август 2026-та година, европските пристаништа примиле 156 пратки течен природен гас од „Јамал“, со вкупен обем од 11,39 милиони тони. Во истиот период минатата година биле примени 142 пратки со 10,34 милиони тони гас. Тоа претставува годишен раст од 10,1 отсто, според германската организација „Urgewald“.

Податоците во реално време на компанијата за анализа на пазарите „Kpler“ покажуваат дека од 1 јануари до 5 септември годинава европските пристаништа презеле 88,9 отсто од вкупниот руски извоз од „Јамал“ на глобално ниво, во споредба со 78,2 отсто во 2025-та година.

„Тоа е знак дека купувачите од ЕУ го зголемуваат увозот пред забраната да стапи во сила во јануари 2027-ма година. Поголемиот дел од овие количества се испорачуваат врз основа на постојни долгорочни договори, бидејќи увозот на течен природен гас врз основа на краткорочни договори беше забранет во април годинава“, изјави за „Euronews“ Шарл Костеруз, енергетски аналитичар во „Kpler“.

Енергетските аналитичари забележуваат дека ЕУ ги надминала вкупните трошоци од претходната година за само осум месеци и пет дена. Причина се комбинацијата од високите цени на гасот и зголемените количества на испораки, откако војната на Блискиот Исток наруши важна трговска рута за транспорт на енергенси преку Ормускиот Проток.

Во овој транспортен синџир доминираат две европски компании – „Seapeak“ со седиште во Глазгов и бродската компанија „Dynagas“, поврзана со грчки интереси. Бродовите поврзани со овие две европски компании превезле вкупно 72 отсто од целокупниот извоз на течен природен гас од „Јамал“.

Шест танкери од класата „Arc7“, поврзани со операциите на „Seapeak“ во Глазгов, од јануари до август превезле 65 пратки со вкупно 4,73 милиони тони гас од „Јамал“. Бродовите на „Dynagas“ превезле уште 62 пратки со приближно 4,5 милиони тони.

„Европа тврди дека се откажува од руските енергенси. Овие податоци покажуваат токму спротивното“, вели Александар Кирк, висок менаџер за кампањи во непрофитната организација „Urgewald“.

„Во првите осум месеци од годинава ЕУ примила 10 отсто повеќе течен природен гас од проектот ‘Јамал’, што претставува речиси девет од секои 10 тони извезени од проектот“, додава тој.

Меѓу главните европски увозници на „LNG“ од „Јамал“ се Франција со 4,4 милиони тони, Белгија со 3 милиони тони, Шпанија со 2,7 милиони тони и Холандија со 1,1 милион тони.

Растот на трговијата се случува во исклучително чувствителен момент. Европските лидери на 13-ти септември се собираат во Финска на самит посветен на европскиот дел од Арктикот, додека дипломатите во Брисел го подготвуваат 22. пакет санкции на ЕУ против Русија.

Грција обезбеди исклучок од целосната забрана за увоз на руски течен природен гас, па „Dynagas“ ќе може да превезува пратки до купувачи надвор од ЕУ и по стапувањето во сила на целосната забрана за увоз во Унијата.

Според истражувањето, Европа не е само еден од главните клиенти на Русија, туку и логистичкиот столб на трговијата со енергенси од Арктикот, што открива сериозна слабост во руската логистика.

Бидејќи арктичките води се замрзнати во поголемиот дел од годината, Русија се потпира на 15 специјализирани танкери од ледена класа „Arc7“, кои можат да пробиваат низ мразот. Кратките рути до европските пристаништа им овозможуваат на овие бродови брзо да го истоварат горивото и да се вратат во Сибир.

Доколку во текот на зимата Русија мора истите бродови да ги испраќа кон Азија, патувањето би траело неколку недели подолго, а вкупниот извоз на гас од земјата би се намалил значително.

Во август 2026-та година „Јамал“ речиси рамномерно го распоредил својот извоз. Седум пратки со вкупно 497.945 тони биле испорачани во европски пристаништа, додека уште седум пратки со 493.855 тони пристигнале на азиски дестинации.

Отворањето на Северниот морски пат во текот на летото ѝ овозможи на Русија привремено рамномерно да го распредели извозот меѓу Европа и Азија во август. Но, периодот во кој ова е можно веќе завршува. До декември, замрзнатиот источен правец кон Азија станува непрооден за директни испораки, што ја принудува Русија повторно да се насочи кон европските води.

Активистите предупредуваат дека европските енергетски компании директно придонесуваат за финансирањето на воениот буџет на Кремљ.

„Не може да се игнорира фактот дека средствата, пристаништата и поморските услуги на ЕУ му помагаат на еден од водечките арктички енергетски проекти на Путин да бележи исклучително успешна година“, предупредува Себастијан Ротерс, експерт за санкции во „Urgewald“.

Во пресрет на преговорите во Брисел за 22-ри пакет санкции, организацијата бара европските влади да ги затворат постојните дупки во регулативата. Таа повикува на итна забрана за обезбедување услуги на флотата од класата „Arc7“, како и на строга забрана за продажба на специјализирани танкери за течен природен гас на руски субјекти.