ПочетнаЕКОНОМИЈАПазарниот регулатор на ЕУ предупредува на ризк од остар пад на пазарите

Пазарниот регулатор на ЕУ предупредува на ризк од остар пад на пазарите

Влошувањето на макроекономските услови поради геополитичките тензии, во комбинација со прекумерно оптимистичните проценки на финансиските средства, создава ризик од ненадеен и остар пад на пазарите, предупредува Европскиот орган за хартии од вредност и пазари (ESMA) во својот втор извештај за следење на ризиците за 2026-та година.

Од ЕСМА оценуваат дека, иако пазарите засега покажуваат отпорност, високите вреднувања на акциите, особено на компаниите од технолошкиот сектор, како и зголемените геополитички тензии, ја ставаат таа отпорност на сериозен тест во услови на упорна инфлација и послаб економски раст.

„Несовпаѓањето меѓу влошените макрофинансиски услови и оптимистичките пазарни проценки го зголемува ризикот од ненадејни корекции на пазарите доколку се остварат економските ризици или доколку дојде до нагла промена во расположението на инвеститорите“, предупредува европскиот пазарен регулатор.

Макроекономски притисок и пазарни проценки

Војната на Блискиот Исток е еден од главните извори на геополитичка нестабилност, поради што растат и стравувањата од стагфлација – комбинација од слаб економски раст и висока инфлација.

Поскапувањето на енергенсите доведе до зголемување на прогнозите за инфлацијата, што дополнително ги зголеми приносите на државните обврзници и го поскапи финансирањето на владите.

Затегнувањето на финансиските услови веќе се одразува врз кредитната стабилност. Бројот на стечаи и банкроти на компаниите се приближува до нивото забележано во периодот непосредно по пандемијата, додека растат и загриженоста и сомнежите во однос на одржливоста на јавниот долг во Европската Унија, наведува ЕСМА.

И покрај овие сигнали, берзите брзо ги надоместија загубите по првичниот геополитички шок. Растот повторно го предводат високите вреднувања на технолошките компании, особено оние поврзани со вештачката интелигенција.

Оперативни ризици

Регулаторот предупредува и на сè почестите сајбер и хибридни закани. Клучните инфраструктури на финансиските пазари засега функционираат стабилно, иако во април беше забележан краткотраен пораст на неуспешните трансакции при порамнувањето на тргувањето.

Сепак, новите напредни модели на вештачка интелигенција стануваат еден од главните потенцијални извори на идната оперативна нестабилност.

Нивното брзо навлегување во финансискиот систем го менува ризичниот пејзаж и отвора можност за системски нарушувања, нестабилност на алгоритмите и нови ранливости поврзани со критични трети страни.

Извештајот посветува посебно внимание и на однесувањето и изложеноста на малите инвеститори. Новите дигитални платформи го олеснија пристапот до пазарите на капитал, но истовремено го зголемија ризикот од неинформирано и шпекулативно тргување.

Од ЕСМА предупредуваат дека подложноста на содржините на социјалните мрежи, како и таканаречената „гејмификација“ на инвестирањето, односно воведувањето елементи налик на оние во видеоигрите, голем број неискусни инвеститори ги насочува кон високоризични и сложени финансиски производи.

Особено загрижува високата концентрација на портфолијата на европските мали инвеститори во американски технолошки компании. Евентуален пад на технолошкиот сектор во САД би можел директно и сериозно да ги погоди заштедите на домаќинствата во ЕУ, предупредува ЕСМА.

Регулаторот предупредува и на ризикот од повторно вреднување на инвестициските фондови. Кај фондовите за недвижности и натаму се забележуваат случаи на привремено запирање на откупот на уделите поради проблеми со ликвидноста.

Постои и ризик нестабилноста да се пренесе меѓу различни делови од финансискиот систем поради поврзаноста меѓу приватното кредитирање во САД, криптопазарите и традиционалниот финансиски систем.