Конфликтот на Блискиот Исток и последните случувања поврзани со руската војна против Украина доведоа до дополнително зголемување на очекувањата за движењето на цените на енергенсите.
Тоа најверојатно ќе придонесе вкупната инфлација да остане значително над целното ниво во првата половина од 2027-ма година, предупреди претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, на прес-конференција.
Во четвртокот, финансиската институција со седиште во Франкфурт ги зголеми каматните стапки за депозитната можност, главните операции за рефинансирање и маргиналната кредитна можност, на 2,5, 2,65 и 2,9 проценти, соодветно, почнувајќи од 16-ти септември 2026-та година.
Минатиот месец инфлацијата во еврозоната надмина 3 проценти, што е највисоко ниво во речиси три години. Очекувањата на економистите и инвеститорите се дека таа ќе се задржи приближно на тоа ниво и во следните месеци.
„Подобрените економски перспективи би требало да придонесат и за нешто побрз раст на базичната инфлација, која се очекува да продолжи да се зголемува до почетокот на 2027-ма година и да остане на високо ниво во поголемиот дел од годината, пред да почне да забавува во 2028-ма година“, вели Лагард.
Се очекува вкупната инфлација да се врати на ниво близу до целта кон крајот на 2027-ма година, потпомогната од ефектите на повисоките каматни стапки.
„Ќе продолжиме внимателно да го следиме обемот и трајноста на растот на цените на енергенсите, како и начинот на кој тој се пренесува врз формирањето на цените и платите, инфлациските очекувања и целокупната економска динамика“, рече Лагард.
Прогнози за инфлацијата и економскиот раст
Основното сценарио во новите прогнози на експертите на ЕЦБ предвидува просечна годишна инфлација од 3 проценти во 2026-та година, 2,5 проценти во 2027-ма година и 2,1 процент во 2028-ма година.
Кога станува збор за инфлацијата без нестабилните компоненти, како што се храната и енергенсите, основното сценарио предвидува 2,5 проценти во 2026-та година, 2,6 проценти во 2027-ма година и 2,3 проценти во 2028-ма година.
Во споредба со прогнозата од јуни, основната проекција за инфлацијата во 2026-та година останува непроменета, додека прогнозите за 2027-ма и 2028-ма година се ревидирани нагоре.
Проценката за економскиот раст покажува раст од 0,9 проценти во 2026-та година, 1,4 проценти во 2027-ма година и 1,5 проценти во 2028-ма година. Тоа претставува нагорна ревизија и за 2026-та и за 2027-ма година, што главно се должи на поголемата од очекуваната отпорност на економијата на еврозоната.
„Перспективите остануваат исклучително неизвесни, при што ризиците за инфлацијата се насочени нагоре, а ризиците за економскиот раст надолу. Со денешната одлука остануваме во добра позиција да се справиме со неизвесноста предизвикана од војните. Ќе применуваме пристап заснован врз новите податоци и одлуки што ќе ги носиме од состанок до состанок, при определувањето на соодветната поставеност на монетарната политика. Однапред не се обврзуваме на конкретна траекторија на каматните стапки“, оцени Лагард.
Според Лагард, економијата на еврозоната покажала отпорност во вториот квартал, и покрај негативните фактори предизвикани од енергетскиот шок поврзан со војната меѓу САД и Израел против Иран. Таа очекува оваа тенденција да продолжи и во третиот квартал.
„Во периодот што следува, краткорочните перспективи за растот се подобри во споредба со последниот круг прогнози на експертите, особено благодарение на отпорноста на приватната потрошувачка и јавната потрошувачка.
На среден рок, потрошувачката би требало да биде поддржана од постепеното намалување на цените на енергенсите и силниот пазар на труд. Економскиот раст сè повеќе ќе зависи од инвестициите на компаниите и од инвестициите во станбената изградба.
„Растот на извозот би требало да има корист од зголемената надворешна побарувачка, но ќе биде ограничен од предизвиците поврзани со конкурентноста и неизвесноста околу глобалните трговски политики“, рече Лагард.
Таа посочи дека повисок потенцијален економски раст бара структурни реформи и мора да биде поддржан од одржливи јавни финансии.
Иднината на Лагард во ЕЦБ
Кристин Лагард изјави дека „нема ништо ново да соопшти“ во врска со шпекулациите дека би можела да ја напушти функцијата претседателка на ЕЦБ пред истекот на нејзиниот мандат, на 31-ви октомври 2027-та година.
Во последните месеци нејзиното име неколкупати се поврзуваше со можноста да застане на чело на Светскиот економски форум. Самата Лагард, сепак, неодамна изјави дека нема да ја напушти ЕЦБ предвреме, уверувајќи ги новинарите дека „нема да ми го видите грбот пред 2027-ма година“.
„Кога ќе има нешто лично за мене што треба да го соопштам, вие ќе бидете првите што ќе дознаат. Засега немам што да кажам“, рече Лагард пред медиумите.



