„Taiwan Semiconductor Manufacturing Co“ (TSMC) забележа раст на месечните приходи од 53,3 проценти, објави „Bloomberg“. Растот доаѓа во период кога компанијата се соочува со тешкотии да одговори на огромната побарувачка, поттикната од глобалното изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција (AI).
Приходите на „TSMC“ во август достигнале 514,8 милијарди тајвански долари, односно околу 16,3 милијарди американски долари.
Производителот на чипови, кој е главен снабдувач на „Nvidia Corp“ и „Apple Inc“, неодамна сигнализираше дека не успева да ја следи динамиката на побарувачката, иако гради нови фабрики со досега невидено темпо.
Тајванската компанија во моментов се обидува истовремено да изгради и опреми околу 20 фабрики во земјата и во странство. За споредба, во минатото „TSMC“ обично работела на четири или пет нови објекти истовремено.
Компанијата истовремено ќе мора да ги зголеми и инвестициите во современа производствена опрема.
Неодамна „TSMC“ постигна договор со „ASML Holding NV“ за започнување со користење на најнапредните литографски машини на холандската компанија. Пред договорот, тајванскиот производител во повеќе наврати изјавуваше дека засега нема да ги воведува најсовремените системи на „ASML“, од кои секој може да чини околу 400 милиони долари.
Во јули „TSMC“ ги зголеми прогнозите за капиталните инвестиции и приходите за целата година, што ја одразува увереноста на компанијата дека исклучително силната побарувачка за AI чипови ќе продолжи и во 2027-ма година и понатаму.
„TSMC“ очекува капиталните инвестиции во 2026-та година да достигнат рекордни 60 до 64 милијарди долари, додека продажбата за целата година би требало да порасне за нешто повеќе од 40 проценти, пресметано во американски долари.
Акциите на производителот на чипови од почетокот на годината пораснале за околу 60 проценти.



