Светската трговија со стоки се засилува од јуни наваму, и покрај геополитичката и политичката неизвесност. Тоа покажува дека меѓународната трговија и натаму е отпорна, иако ризиците остануваат значителни, се наведува во најновиот извештај на Светската трговска организација (СТО).
Индексот на СТО, кој ја следи динамиката на светската трговија со стоки, во септември достигна 102 поени, во споредба со 101,7 поени во јуни. Индексот и натаму е над нивото што одговара на вообичаениот долгорочен раст.
Вредност над 100 поени укажува на раст над основниот тренд, додека вредност под 100 поени покажува дека трговијата се развива побавно од вообичаената динамика.
СТО го објавува својот показател за трговијата со стоки четири пати годишно. Индексот ги опфаќа извозните нарачки, воздушниот товарен транспорт, контејнерскиот превоз, производството на автомобили, суровините и електронските компоненти.
Организацијата со седиште во Женева посочува дека подобрувањето на показателот е остварено и покрај неизвесноста предизвикана од геополитичките тензии и промените во трговската политика.
Во март, СТО прогнозираше дека растот на светската трговија со стоки значително ќе забави – на 1,9 проценти оваа година, во споредба со 4,6 проценти во 2025-та година.
Според организацијата, растот би можел дополнително да забави доколку војната меѓу САД и Иран продолжи да ги зголемува цените на енергенсите и да го нарушува меѓународниот транспорт.
Американскиот претседател Доналд Трамп воведе широкоопфатни царини за трговските партнери на САД, додека транспортот низ стратешкиот Ормускиот теснец е сериозно нарушен поради тензиите на Блискиот Исток. Пред конфликтот, низ овој морски премин минуваше една петтина од светските испораки на нафта.
Од друга страна, силната побарувачка за електронски компоненти, поттикната од инвестициите во вештачка интелигенција и дигиталната инфраструктура, го ублажува негативното влијание на овие фактори, се наведува во извештајот на СТО.
Растот на трговијата останува нерамномерен, како меѓу различните сектори, така и меѓу регионите.
Геополитичките ризици и неизвесноста околу трговската политика и натаму ги влошуваат перспективите, поради нарушувањата во синџирите на снабдување и транспортните рути, како и поради повисоките трошоци за превоз, предупредува СТО.



