ПочетнаЕКОНОМИЈАПразен стан, а сметка секој месец: Овие ставки ги плаќате и со...

Празен стан, а сметка секој месец: Овие ставки ги плаќате и со нула потрошувачка

Клучот стои во фиока, фрижидерот е исклучен, светлото се пали можеби еднаш месечно кога сопственикот ќе дојде да провери дали сè е во ред. На броилото речиси и да нема потрошувачка. Но сметката за струја сепак пристигнува. За сопствениците на празни станови, куќи и викендички во Македонија ова одамна не е ништо необично.

Логиката на граѓаните е едноставна: ако не сум потрошил струја, што плаќам?

Одговорот е во самата структура на фактурата. Сметката за електрична енергија не се состои само од киловат-часовите што ги покажува броилото. Дел од ставките зависат од потрошувачката, но има и трошоци кои постојат и кога потрошувачката е минимална или практично ја нема.

Најочигледен е надоместокот за пристап до електродистрибутивниот систем. За домаќинствата тој изнесува 200 денари месечно и е фиксен. Тоа значи дека го плаќа и семејството кое секојдневно троши струја и сопственикот на стан во кој со месеци никој не влегол.

Токму празните станови и викендичките беа еден од аргументите при воведувањето на оваа ставка. Образложението е дека електродистрибутивната мрежа мора да биде достапна и функционална и за објектот што во моментот не троши електрична енергија.

Од операторот на дистрибутивниот систем претходно објаснија дека фиксниот надоместок „покрива дел од потребниот приход“ за непречено функционирање на дистрибутивната дејност.

Со други зборови, струјата можеби не ја користите, но приклучокот е таму. Ако утре ја кренете склопката, очекувате светлото веднаш да се запали.

Покрај оваа ставка, на сметката се појавува и комуналната такса за јавно осветлување. На фактури од 2026 година може да се види износ од 184 денари за оваа ставка, а во вкупната пресметка влегува и ДДВ.

Така лесно се доаѓа до ситуација во која самата потрошена електрична енергија вреди само неколку десетици денари, а конечната сума е значително повисока.

Енергетските познавачи посочуваат дека тука граѓаните најчесто ја прават грешката. Го гледаат броилото, гледаат дека речиси не се поместило и очекуваат сметка блиска до нула. Но киловатите се само еден дел од фактурата.

Според важечките цени за домаќинствата, од почетокот на 2026 година електричната енергија во првиот блок на високата тарифа се пресметува по 4,7074 денари за киловат-час, додека ниската тарифа е 2,1893 денари. Дополнително се пресметува и надоместок за пренос и дистрибуција од 2,0339 денари за киловат-час.

Кај празен стан, сепак, овие ставки врзани за потрошувачката обично се мали. Ако е исклучено сè, потрошувачката може да биде речиси нулта. Но фиксниот дел останува.

Економистите советуваат сопствениците на станови кои не ги користат подолг период да не ја проценуваат сметката само според потрошените киловати, туку да ги разгледаат сите позиции на фактурата. Особено ако имаат повеќе недвижности. Двесте денари овде, друга ставка таму… на месечно ниво можеби не изгледа драматично, но за една година сумата веќе се чувствува.

За сопственик кој има стан во Скопје, наследена куќа во друг град и викендичка што ја посетува неколкупати годишно, три активни броила значат три посебни сметки и три фиксни обврски.

И тука е суштината. Празен стан не значи и празна сметка.

Додека броилото е активно, приклучокот постои и објектот останува дел од системот, фактурата ќе продолжи да стигнува. Дури и ако единствената потрошена струја тој месец била од една сијалица запалена пет минути.

Б.З.М.