Кога цената на горивото ќе тргне нагоре, муабетот меѓу возачите брзо стигнува до старото прашање: што друго може да се сипе во дизел-мотор? Масло за јадење? Старо масло од фритеза? Биодизел? Одговорот е поинтересен отколку што изгледа. Дизел-моторот навистина може да работи со повеќе видови гориво, но меѓу „може да запали“ и „добро е за моторот“ има огромна разлика.
Самата историја на дизел-моторот покажува колку овој принцип на работа е флексибилен. Уште на почетокот на минатиот век биле правени успешни демонстрации со растително масло. Во 1900 година, на изложба во Париз, дизел-мотор работел на масло од кикирики без поголеми модификации. Тоа, сепак, не значи дека денешен автомобил со комон рејл систем треба да се наполни со масло купено од маркет.
Најсериозната алтернатива е биодизелот. Тој може да се произведува од растителни масла, животински масти и искористено масло од угостителството, но суровината мора да помине низ соодветна хемиска преработка. Токму тука е деталот што често се губи во кафеанските муабети.
„Суровите или рафинираните растителни масла не се биодизел и не треба да се користат како гориво за возила“, стои во стручните упатства за алтернативни горива.
Биодизелот најчесто се меша со обичен дизел. Постојат различни мешавини, од Б5, со пет проценти биодизел, до Б20, каде неговото учество достигнува 20 проценти. Чистиот биодизел, познат како Б100, постои, но многу поретко се користи како единствено гориво во патнички автомобили. Кај мешавините до Б20, потрошувачката, силата и вртежниот момент можат да останат блиски до оние при работа со стандарден дизел.
За македонските возачи најинтересно веројатно звучи користеното масло од фритеза. На хартија, има логика. Наместо да се фрли, отпадот станува енергенс. Но не оди баш така.
Маслото прво мора да се исчисти и преработи. Ако обично растително масло директно се користи како гориво, неговата висока вискозност може да создава наслаги во моторот, проблеми со прстените, подмачкувањето и системот за вбризгување. Истражувањата покажуваат дека моторот може краткорочно да работи, но проблемите најчесто се појавуваат подоцна.
Со други зборови, автомобилот можеби ќе запали. Тоа не значи дека му правите услуга.
Познавачите на моторите посочуваат дека ситуацијата е уште почувствителна кај поновите дизели. Современите пумпи и инјектори работат со многу прецизни параметри, а импровизацијата со гориво може на крај да чини многу повеќе од заштедените денари на бензинската пумпа.
Постојат и поегзотични можности. Диметил етерот, на пример, може да работи во мотор со компресиско палење со одредени модификации. Истражувањата покажуваат значително намалување на емисијата на честички, иако неговата примена бара прилагодување на системот за гориво.
Испитувани се и мешавини со етанол. Кај нив работата е уште покомплицирана бидејќи етанолот сам по себе нема својства што му дозволуваат едноставно да го замени дизелот. Во лабораториски испитувања се користеле мешавини со пет, десет и 15 проценти етанол, со дополнителни услови за стабилност на горивото.
На листата се наоѓаат и бутанол, горива добиени од алги и други биогорива. Алгите особено се истражуваат како извор на масла од кои потоа може да се произведува биодизел.
За возачот во Скопје, Битола или Штип, сепак, практичното правило останува едноставно. Дизел-моторот е способен за многу повеќе отколку што пишува на капачето од резервоарот, но современиот автомобил не е лабораторија.
И затоа стручните препораки се кратки: „Секогаш проверете што дозволува производителот на моторот пред употреба на биодизел“.
Сè друго може да звучи како евтина замена. Сè додека не стигне сметката од сервис.
Б.З.М.



