ПочетнаЕКОНОМИЈАДупка на патот ви направи штета? Не заминувајте од местото без фотографии

Дупка на патот ви направи штета? Не заминувајте од местото без фотографии

Еден силен удар, звук од тркалото и веднаш знаете дека нешто не е во ред. Дупката сте ја забележале предоцна, гумата е расцепена, бандажот искривен, а во полош случај страдале амортизерот, трапот или некој друг дел од автомобилот. Првата реакција обично е пцовка и повик до вулканизер. Но тука возачите често прават грешка. Ако штетата е предизвикана од оштетен пат, постои можност да се побара надомест од оној што е надлежен за неговото одржување.

Правниците посочуваат дека клучно е што ќе направите веднаш по ударот. Ако само го однесете автомобилот во сервис, ја платите поправката и неколку дена подоцна решите да барате пари, доказната постапка станува многу потешка.

Затоа, прво фотографирајте.

Дупката треба да се фотографира од повеќе агли, но и поширокиот простор за јасно да се утврди каде се наоѓа. Добро е да се фотографираат и оштетувањата на автомобилот, регистарските таблички, улицата и околните објекти. Ако има сведоци, зачувајте ги нивните контакти.

Кај поголема штета, познавачите на постапката советуваат настанот да се пријави и во полиција. Полицискиот запис за местото и околностите може да биде сериозен доказ ако подоцна дојде до спор околу тоа дали автомобилот навистина бил оштетен на конкретната дупка.

Следниот чекор е да се утврди кој го одржува патот.

Тука работите понекогаш се комплицираат. Не секоја улица е под надлежност на ист орган. За локалните патишта и улици надлежност имаат општините, односно Градот Скопје, додека управувањето со државните патишта е во надлежност на Јавното претпријатие за државни патишта. Законот предвидува редовно, зимско, периодично и интервентно одржување на јавните патишта.

Токму затоа, пред поднесување барање треба прецизно да се провери во чија надлежност се наоѓа делницата.

Правниците се јасни дека возачот има основа да побара надомест ако може да покаже дека штетата е последица на оштетувањето на коловозот.

„Имате право на отштета од локалната самоуправа која е одговорна за одржување на тој пат“, посочуваат правници кои ја објаснуваат постапката за вакви случаи.

Но правото на отштета не значи и автоматска исплата.

Потребни се докази. Покрај фотографиите и евентуалниот полициски запис, корисни се проценка на штетата од сервис, фактури за поправка, сметки за нова гума или бандаж и друга документација од која точно се гледа колкава е материјалната штета.

Потоа се поднесува барање до надлежниот субјект. Во него треба да стојат датумот и времето на настанот, точната локација, описот на дупката, начинот на кој е оштетен автомобилот и износот што се бара.

Ако возилото има каско осигурување, треба да се проверат и условите од полисата. Осигурителните компании имаат посебни процедури за пријавување и проценка на штети, па зависно од покритието може да постои и таков пат за наплата.

Ако надлежната институција го прифати барањето, случајот може да заврши без суд. Ако го одбие или ја оспори причината и висината на штетата, останува можноста надоместот да се бара во граѓанска постапка.

Најважното, сепак, се случува во првите минути по ударот.

Не ја фотографирајте само гумата кога ќе стигнете дома. Застанете безбедно, документирајте ја дупката и местото, зачувајте ги сметките и утврдете кој го одржува патот. Искривениот бандаж може да се поправи. Доказите што сте ги пропуштиле на лице место, многу потешко.

Актуелната регулатива на ЈП за државни патишта потврдува дека претпријатието управува и ја следи состојбата на државните патишта, а Законот за јавните патишта има измени и од 2025 година.

Б.З.М.