ПочетнаКОМПАНИИ„Google“ ќе инвестира најмалку 13 милијарди евра во „AI“ инфраструктура во Финска

„Google“ ќе инвестира најмалку 13 милијарди евра во „AI“ инфраструктура во Финска

„Google“, во состав на компанијата „Alphabet“, во следните две години ќе инвестира најмалку 13 милијарди евра во инфраструктура за вештачка интелигенција во Финска, соопшти компанијата. Според „Google“, тоа ќе биде нејзината најголема поединечна инвестиција во Европа.

Финска станува сè поатрактивна дестинација за изградба на центри за податоци, бидејќи компании како „Microsoft“ и „ByteDance“, сопственикот на „TikTok“, настојуваат да ги намалат трошоците за енергија и да ги исполнат своите климатски цели.

Студената клима во земјата ги намалува трошоците за ладење на центрите за податоци, а Финска располага и со значителни количини електрична енергија со ниски емисии на јаглерод.

Инвестициите ќе опфатат центри за податоци, унапредување на електропреносната мрежа, како и проекти за чиста енергија и батериски системи. Тие ќе ги поддржуваат услугите на „Google“, меѓу кои „Gemini“, „Search“, „Maps“ и „YouTube“.

„Новата дигитална инфраструктура ќе биде основа за дигиталната подготвеност, иновациите и развојот на вештачката интелигенција во Финска, но и пошироко во Европа“, соопшти компанијата.

Инвестицијата ќе се реализира во текот на 2027-ма и 2028-ма година, а според проценките на „Google“, во фазата на изградба ќе придонесе со околу 3,6 милијарди долари во бруто домашниот производ на Финска.

По ставањето на проектите во функција, се очекува тие да поддржат околу 7.000 работни места годишно.

Финскиот премиер Петери Орпо ја оцени одлуката на „Google“ како „јасен доказ за нашите силни страни“.

„Вредноста на економијата на податоците се протега многу подалеку од директните инвестиции, бидејќи ги поттикнува иновациите, научните истражувања и развојот“, додаде Орпо.

Претходно годинава, „Alphabet“ ги зголеми планираните глобални капитални инвестиции на меѓу 195 и 205 милијарди долари, во услови на зголемена побарувачка за компјутерски капацитет.