Европската унија (ЕУ) и Канада се стремат кон воспоставување нови, сеопфатни односи што ќе опфаќаат области како трговијата и безбедноста, бидејќи трансатлантските партнери се обидуваат да изградат нов сојуз што би бил противтежа на глобалната политика на моќ во која доминираат САД и Кина, пишува „Bloomberg“.
Се очекува претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, да ги објави плановите во своето обраќање за состојбата на Унијата во Стразбур, Франција, на 16-ти септември, откриваат извори запознаени со подготовките. На говорот ќе присуствува и канадскиот премиер Марк Карни, кој следниот ден ќе им се обрати на европските законодавци.
Владата на Карни го продлабочувањето на партнерството со ЕУ го постави како еден од своите главни приоритети и активно ги разгледува сите можности, освен формалното членство во Унијата, изјави канадски извор кој побарал да остане анонимен.
Разговорите се фокусирани на „стратешките капацитети“, меѓу кои соработката во областа на одбраната, вселенските истражувања и науката.
Сè уште не е јасно дали за формализирање на ова партнерство ќе бидат потребни нови правни инструменти. Разговорите за ова прашање продолжуваат, а владата на Карни ќе се консултира со канадските провинции и со индустријата, додава изворот.
Во значаен говор на Светскиот економски форум претходно годинава, Карни предупреди дека „меѓународниот поредок заснован на правила“ практично е мртов и повика таканаречените „средни сили“ да создадат нова глобална архитектура со која би се спротивставиле на тактиките на притисок и заплашување што ги користат „големите сили“.
Иако по име не го спомена американскиот претседател Доналд Трамп, Карни повика на создавање нови сојузи кои би претставувале последна линија на одбрана од државите што по своја волја ја наметнуваат својата економска и воена моќ.
Според изворите, договорите ќе ги опфатат сите области на односите меѓу ЕУ и Канада, вклучително трговијата, безбедноста, синџирите на снабдување и критичните суровини.
САД и Канада неодамна воведоа царини една на друга, додека претходно Трамп во повеќе наврати ги критикуваше трговските политики на ЕУ и продолжува да покажува интерес за анексија на Гренланд.
Канада минатата година стана првата земја надвор од ЕУ што се приклучи кон фондот на Унијата за воени набавки, вреден 150 милијарди евра.
ЕУ и Канада веќе имаат амбициозен трговски договор, како и партнерство во областа на безбедноста и одбраната. Двете страни истражуваат начини за дополнително продлабочување на односите во рамките на правно изводливите норми, како и за постигнување рамнотежа меѓу пристапот до единствениот пазар на Унијата и условите што произлегуваат од фактот дека Канада не е полноправна членка на ЕУ.
Двете страни ќе одржат самит во Канада во октомври.



