Земјите кандидати за членство во Европската Унија можат да го зголемат бруто-домашниот производ по глава на жител за 30 до 35 отсто во рок од една деценија, покажува нова анализа на Меѓународниот монетарен фонд, претставена во Брисел од генералната директорка на институцијата, Кристалина Георгиева.
„Потенцијалната награда е голема“, изјави Георгиева на настан организиран од Центарот за европски политички студии (CEPS).
Таа потсети дека при претходните проширувања на Европската Унија, БДП по глава на жител во регионите што се приклучиле кон Унијата се зголемил за повеќе од 30 отсто во рок од една деценија во споредба со слични региони надвор од ЕУ.
„Нова анализа на нашиот тим во ММФ покажува дека земјите кандидати можат да постигнат слични резултати и да го зголемат БДП по глава на жител за 30 до 35 отсто во рок од една деценија“, рече Георгиева.
Таа, сепак, нагласи дека за такво зголемување на животниот стандард, „кандидатите мора да спроведат храбри внатрешни реформи, а ЕУ мора да обезбеди разумна поддршка“.
Според неа, околу две третини од вкупните придобивки од пристапувањето во ЕУ произлегуваат од повисоката продуктивност.
„Самото членство во ЕУ не води автоматски до зголемување на продуктивноста. Таа мора да се постигне“, истакна генералната директорка на ММФ.
Георгиева ја поврза повисоката продуктивност со подобри работни места, повисоки плати и посилни економски можности.
„Растот на продуктивноста е најсигурниот пат кон просперитетот“, рече таа, оценувајќи дека тоа е истовремено двигател на економското приближување и катализатор за инвестициите и пазарот на трудот.
Новата анализа на ММФ издвојува три меѓусебно поврзани фактори за економско приближување – внатрешни реформи засновани врз законодавството на ЕУ, пристап до единствениот пазар и ефикасно користење на европското финансирање.
Секој од овие фактори, според основната проценка на Фондот, учествува со приближно една третина во потенцијалните придобивки.
„Клучно значење тука има доброто управување“, нагласи Георгиева.
Според неа, подобрите институции ја намалуваат неизвесноста, ги поттикнуваат инвестициите, ја зголемуваат ефикасноста на јавните расходи и им помагаат на компаниите да ги искористат можностите што ги создава интеграцијата.
Генералната директорка на ММФ истакна дека одговорноста не е само кај земјите кандидати.
„Придобивките од пристапувањето ќе бидат поголеми за сите доколку единствениот пазар стане подлабоко интегриран и поотворен“, рече таа.
Според Георгиева, проширувањето и продлабочувањето на единствениот пазар треба да се гледаат како меѓусебно надополнувачки процеси.
„Една поголема Европа може да биде посилна, но ќе биде многу посилна ако е и подобро интегрирана“, порача Георгиева.
Таа посочи дека во следните години се очекува кон Европската Унија да се приклучат земји од Западен Балкан, Молдавија и Украина.
„Ако се преземат вистинските чекори, проширувањето може да обезбеди значителен и исклучително потребен поттик за растот во Европа – и за земјите кандидати и за оние што веќе се дел од Унијата“, рече Георгиева.
Таа го сподели и своето лично искуство од пристапувањето на Бугарија во ЕУ.
„Пораснав во Бугарија и одлично ги познавам можностите што ги носи европската интеграција“, рече таа, додавајќи дека членството значително го подобрило животот на нејзините сограѓани.
ММФ, како што најави Георгиева, ќе го поддржува процесот преку политички совети и развој на институционалните капацитети. За неколку недели, Фондот ќе отвори нов Центар за развој на капацитетите за земјите од Западен Балкан и Молдавија во Рим – SEETAC, кој ќе ја надополни работата на центарот на ММФ во Виена, што ѝ обезбедува поддршка на Украина



