Кога некој купува стан, целото внимание обично оди кон цената по квадрат, учеството за кредит, каматата и месечната рата. Тоа е и логично – станот е најголемата инвестиција што повеќето луѓе ќе ја направат во животот. Но има една сметка што речиси секогаш се потценува. Таа почнува дури откако ќе ги земете клучевите.
Празен стан не е дом. Треба кујна, бела техника, кревет, плакари, осветлување, завеси, трпезариска маса, столици, телевизор, клима, машина за перење, а понекогаш и цел куп ситници за кои никој не размислува додека не дојде моментот да се всели. И токму тука многу нови сопственици сфаќаат дека буџетот што го планирале за купувањето на станот бил само првата половина од приказната.
На хартија, новоградбата изгледа едноставно. Ѕидовите се готови, подот е поставен, има санитарии, врати и прозорци. Но ако станот е целосно празен, првата прошетка низ продавници за мебел и бела техника брзо ја менува перцепцијата. Кујната сама по себе може да стане една од најголемите ставки. Ако на тоа се додадат фрижидер, рерна, плоча, аспиратор и машина за садови, сумата почнува сериозно да расте уште пред да се купи првата гарнитура.
А дневната соба е само следната станица. Гарнитура, масичка, телевизор, ТВ-комода, трпезариска маса и столици можеби поединечно не изгледаат драматично, но кога ќе се соберат, тоа се неколку различни сметки што доаѓаат во ист месец. Потоа следуваат спалната соба, детската соба, плакарите, душеците, теписите и осветлувањето.
Тука настанува и најчестата грешка. Купувачот пресметал дека ќе му останат, на пример, неколку илјади евра по купувањето на станот и верува дека тоа ќе биде доволно за опремување. Потоа сфаќа дека само кујната и белата техника можат да изедат значителен дел од таа резерва.
Најмногу пари не одат секогаш на она што прво го гледаме
Мебелот е видлив и затоа луѓето најмногу размислуваат за него. Но има и друга категорија на трошоци што се појавуваат еден по еден.
Клима-уред. Монтажа. Дополнително осветлување. Ролетни или завеси. Комарници. Огледала. Полици. Машина за сушење. Микробранова печка. Правосмукалка. Бојлер ако не е вклучен. Интернет-инсталација. ТВ-пакет. Садови, чаши, прибор, постелнина, пешкири, кујнски прибор.
Ниту една од овие ставки сама по себе не звучи како финансиски проблем. Но кога нов сопственик во рок од два или три месеци треба да ги купи сите, сметката почнува да изгледа поинаку.
Да земеме само илустративен пример. Семејство купува празен стан од 70 квадрати. Не бара луксузно опремување, туку солиден среден квалитет. Кујната со техника, спалната, дневната, плакарите, детската соба, осветлувањето и останатите основни работи лесно можат да создадат дополнителен буџет од неколку илјади евра, а кај поквалитетно или мебел по мерка сметката може да оди значително повисоко.
И тоа без кршење ѕидови, без промена на подови и без класично реновирање.
Токму затоа купувањето нов стан не значи дека реновирањето е нула. Само значи дека трошокот има поинакво име – опремување.
Потоа почнува и месечната сметка
Кога домот конечно ќе изгледа готов, започнува вториот круг на трошоци.
Рата за станбениот кредит е најочигледната. Но покрај неа има струја, вода, управител, заедничка електрична енергија, интернет, греење, осигурување, паркинг или гаража, а понекогаш и дополнителни трошоци за одржување на комплексот.
Тоа значи дека семејство кое претходно живеело кај родители или во помал стан може да има сосема нова структура на месечниот буџет.
На пример, рата која изгледала прифатливо во банката можеби навистина е прифатлива. Проблемот е што ратата не доаѓа сама. Доаѓа заедно со сите други трошоци на новиот дом.
Затоа и банките при проценка на кредитоспособноста не гледаат само дали клиентот може технички да ја плаќа ратата. Во реалниот живот е уште поважно прашањето дали по плаќањето на ратата остануваат доволно пари за нормален живот.
А тука новите сопственици често се наоѓаат во чудна ситуација. Имаат имот вреден десетици или стотици илјади евра, а првите месеци внимателно пресметуваат дали да купат нова гарнитура или да ја одложат за следната плата.
Најдобро е буџетот да се прави од крајот наназад
Наместо да се постави прашањето „Колкав стан можам да купам?“, многу поисправно е да се праша „Колку пари сакам да ми останат откако ќе го купам станот?“
Ако после капар, учество, даноци, нотар, банка и сите други почетни трошоци остане нула, тогаш дури и одлично купен стан може да создаде финансиски притисок уште од првиот ден.
Тоа е особено важно кај младите семејства. Нов стан обично се купува во период кога паралелно се појавуваат други големи животни трошоци – деца, автомобил, градинка, патувања, образование или промена на работа. Ако целата заштеда исчезне во недвижноста, секој непланиран трошок после тоа станува проблем.
И можеби токму тука е најдобрата лекција. Цена од 2.000 евра за квадрат не значи дека 70 квадрати чинат само 140.000 евра. Тоа е цената на недвижноста.
Цената на домот почнува после тоа. Кујната, креветот, плакарите, машината за перење и првата сметка за струја никогаш не стојат во огласот за продажба.
Но на крајот сите се плаќаат од истата плата.
Автор: Бранко Стојкоски



