Има работи за кои на газдата не му треба ниту буџет, ниту кредит, ниту нова ставка во трошоците. Не чини ништо да го сослуша работникот, да му верува, да го третира фер и да не го понижува пред колегите. А токму ваквите работи, според познавачите на пазарот на трудот, честопати одлучуваат дали човек наутро оди на работа нормално или уште од дома брои колку часа му останале до крајот на смената.
Во македонските компании разговорот за задоволството на вработените најчесто брзо стигнува до платата. И со право. Економистите предупредуваат дека добриот однос не може да биде замена за пристојна заработка.
„Не можете на човек кој е потплатен да му кажете дека треба да биде среќен затоа што шефот му рекол добро утро. Платата останува основа. Но, кога условите се приближно исти, начинот на кој работникот е третиран може да биде пресуден дали ќе остане во фирмата“, објаснуваат познавачи на пазарот на трудот.
Токму тука почнува делот што не го чини газдата ништо.
Првата работа е довербата. Во многу фирми и најобичната одлука мора да помине низ неколку раце. Вработениот бара нешто што му е неопходно за работа, раководителот се согласува, но потоа почнува кругот: одобрување од еден, потпис од друг, дозвола од трет…
На крајот, човекот добива чувство дека никој не му верува.
Деловните психолози советуваат токму спротивното: „Верувајте им на вработените и дајте им простор да ја работат работата за која сте ги вработиле“.
Постојаното проверување на секој чекор не носи секогаш поголема контрола. Често носи нервоза и чувство дека работникот е само извршител без право на сопствена проценка.
Втората работа е фер односот.
Ако за еден работник важат едни правила, а за друг други, тоа многу брзо се забележува. Кој може да доцни, а кој веднаш добива забелешка? Кој може да земе слободен ден без проблем, а кој треба да објаснува половина час? Кому му се простува грешката, а кому му се памети со месеци?
Вработените ги гледаат овие работи. И ги паметат.
„Луѓето не очекуваат секогаш посебен третман. Најчесто сакаат само да знаат дека аршинот е ист за сите“, велат експертите за организација на работата.
Третата работа е уште поедноставна: слушање.
Не состанок од два часа. Не анкета со 50 прашања. Понекогаш се доволни десет минути во кои шефот навистина ќе чуе што му зборува човекот што секој ден ја работи работата.
Ако работник предложи подобар начин на организација, не значи дека идејата мора да биде прифатена. Но, треба барем да добие одговор. Најлошата варијанта е да зборува, а од другата страна да нема ништо.
Познавачите предупредуваат дека токму чувството дека „никој не ме слуша“ често создава поголемо незадоволство отколку што раководството претпоставува. Слушањето, според деловните психолози, не значи само климање со глава, туку покажување дека предлогот навистина бил земен предвид при носењето одлука.
Има уште една ситница. Признанието.
Едно „добро завршена работа“ не чини ништо. Ниту благодарноста за останување подолго, ниту јавното признавање дека некој решил проблем што со денови стоел на маса.
Од друга страна, ако секоја добра работа се подразбира, а секоја грешка веднаш се казнува, атмосферата многу брзо станува тешка.
Економистите велат дека честото заминување на вработените на крајот има и директна цена за фирмите. Треба да се најде нов човек, да се обучи, да се приспособи, а во меѓувреме дел од работата паѓа врз останатите.
Затоа понекогаш најевтината мерка е и наједноставната.
Фер однос. Малку повеќе доверба. Да го сослушаш човекот. Да му кажеш дека добро ја завршил работата.
Не решава сè. Но не чини ни денар.
Б.З.М.



