ПочетнаЕКОНОМИЈАКога ќе поскапат горивата се зголемуваат цените на превозот и храната, но...

Кога ќе поскапат горивата се зголемуваат цените на превозот и храната, но не и платата на работниците!

Со интересна анализа излезе Сојузот на синдикати на Македонија во која се објаснува влијанието на растот на цената на горивата во земјава.

Имено, тезата на синдикалците е дека поскапувањето на горивата не ги погодува исто сите граѓани. Како примери во нивната анализа се земени граѓани кои секој ден патуваат од Тетово, Куманово или друг град до своето работно место, поскапото гориво значи повисока цена на автобускиот билет, поголем трошок за сопствен превоз и дополнителен удар врз домашниот буџет.

За работникот, поскапувањето значи дека треба да издвои повеќе пари од сопствената плата само за да стигне на работа. Но, синдикалците велат дека истото поскапување на горивата може да има сосема различен ефект кај надоместоците кои се пресметуваат како процент од цената на горивото. Така, додека работникот плаќа повеќе за да стигне до работното место, кај одредени надоместоци за користење лично возило за службени цели, растот на цената на горивото може да значи и повисока основица за пресметка на надоместокот.

Целта на оваа анализа е да се дојде до одговорот до суштинското прашање, а тоа е зошто растот на цената на горивата автоматски може да се одрази врз одредени надоместоци , додека работникот сам го носи товарот на поскапувањето?!

Официјалните податоци велат дека цената на ЕУРОДИЗЕЛ БС на почетокот на 2026 година изнесуваше 65 денари за литар. Според најновите утврдени цени, дизелот од 8 септември, достигнува цена од 101 денар за литар.

„Тоа значи: Од 65 денари во јануари 2026 година до → 101 денар во септември 2026 година или +36 денари за литар. Математички, зголемувањето изнесува: (101 – 65) ÷ 65 × 100 = 55,38%. Со други зборови, за девет месеци цената на дизелот е повисока за повеќе од половина во однос на почетокот на годината. Но, поскапувањето на горивото не останува само на бензинските пумпи. Тоа се прелева врз цената на транспортот, превозот на стоки и услуги и, на крајот, директно врз семејниот буџет на работниците. А за оние кои секој ден патуваат до работното место, последиците веќе се гледаат во цената на автобускиот билет или поскаpо гориво е еднакво на поскап превоз до работа“, се наведува во анализата на ССМ.

По растот на цените на горивата, поскапе и автобускиот превоз на дел од меѓуградските линии, а најдиректно погодени се работниците кои секојдневно патуваат до Скопје. На пример на еден работник од Тетово кој е втаботен во фирма во Скопје месечно му се потребни најмалку 11 илјади денари само за автобуски превоз.

„На релацијата Тетово – Скопје, билетот во еден правец е зголемен од 200 на 250 денари.
Тоа значи:

-претходна цена: 200 денари

-сегашна цена: 250 денари

-зголемување: 50 денари

-процентуално зголемување: 25%

За работник кој патува до Скопје и назад секој работен ден: 500 денари дневно × 22 работни дена = 11.000 денари месечно.

Во 2026 година, минималната нето-плата изнесува 26.046 денари, а тоа значи дека работник од Тетово кој прима минимална плата би потрошил:

11.000 денари за превоз или: 42,23% од целата минимална плата само за да стигне на своето работно место. Со други зборови, речиси половина од минималната плата би можела да биде потрошена само за превоз до работа и назад.“ стои во анализата

Што се однесува за работниците од Куманово кои секојдневно патуваат до Скопје, а ги има навистина многу, за нив една третина од минималната плата е потребна за патување.

„Билетот во еден правец од Куманово до Скопје е зголемен:
Од 170 денари до → 200 денари во еден правец , а повратното патување сега чини 400 денари дневно или за за 22 работни дена:
400 денари × 22 дена = 8.800 денари месечно.

За работник кој прима минимална нето-плата од 26.046 денари, тоа значи 8.800 денари месечно за превоз или 33,79% од минималната плата.

Практично, една третина од минималната плата би била потрошена само за работникот да може да стигне до своето работно место“, стои во пресметката на ССМ

Од ССМ велат дека овие бројки отвораат едно многу важно прашање.

Работникот кој патува од Тетово или Куманово до Скопје не патува поради туристички или лични потреби. Тој патува за да работи, а патувањето до работното место не е луксуз. Тоа е неопходен услов за работникот да ја извршува својата работа. Но, во голем број случаи, трошокот за доаѓање на работа останува директно на товар на самиот работник и така се создава апсурдна ситуација, односно работникот прво мора да потроши голем дел од платата за да може да стигне на работа, за да ја заработи истата таа плата.

„Особено е проблематично кога станува збор за работници со минимални примања. Ако работник од Тетово прима 26.046 денари, а само за превоз троши 11.000 денари, по плаќањето на превозот му остануваат 15.046 денари за: храна, сметки, домување, електрична енергија, вода, облека, образование на децата, здравствени и други секојдневни потреби“, велат од ССМ.

Со воведувањето на концептот на бруто-плата од 1 јануари 2009 година, и покрај тогашноти противење само од ССМ, прашањето за надоместоците за исхрана и превоз претрпе суштински промени. Наместо универзален систем во кој трошоците за превоз и исхрана се третираа како посебни надоместоци, концептот на бруто-плата го промени начинот на кој се пресметуваат и третираат примањата на работниците. Во пракса, тоа значеше дека огромен број работници останаа без посебен и реален механизам кој ќе ги следи растечките трошоци за превоз до работното место.Трошоцит за превоз на работниците не останаа исти, горивото поскапува, автобуските билети поскапуваат, трошоците за одржување на автомобилите растат. Но, платата на работникот не расте автоматски со растот на неговите реални трошоци за да стигне до работа. Токму тука се гледа една од најголемите слабости на сегашниот систем затоа што работникот го сносува целиот трошок на сопствен грб.

Од друга страна, законските решенија предвидуваат надоместоци за користење автомобил во лична сопственост за службени цели.

„Кај пратениците, законските одредби предвидуваат право на надоместок за користење автомобил во лична сопственост за службени цели, во висина утврдена во однос на продажната цена на горивото и изминатиот километар. Во законската формула се предвидува износ до 20% од продажната цена на еден литар гориво за секој изминат километар“, стои во анализата.

Тоа значи дека ова е максималната законски утврдена стапка и не значи дека секој надоместок автоматски се исплатува во максималниот износ. Но, математички гледано, принципот е јасен. Ако основицата за пресметка е поврзана со цената на горивото, тогаш растот на цената на горивото може да ја зголеми и вредноста на надоместокот по километар. 65 денари наспроти 101 денар- колкава е разликата?

Синдикалците велат, ако се направи едноставна илустративна пресметка таа би изгледала вака – при цена на гориво од 65 денари, 20% од 65 денари = 13 денари по километар. Но, при цена на горива од 101 денари = 20,20 денари по километар или разликата изнесува +7,20 денари по километар или +55,38%. Тоа е истиот процент со кој е зголемена цената на горивото. Оваа пресметка е илустративна, направена според максималната стапка „до 20%“ и има за цел да покаже како растот на цената на горивото може да влијае врз надоместок чија основица е директно поврзана со цената на горивото. Па така кога поскапува горивото работникот не добива автоматски повисока плата, кога поскапува автобускиот билет работникот не добива автоматски повисок надоместок за превоз кога растат реалните трошоци за доаѓање на работа работникот најчесто сам ја плаќа разликата. Тоа е суштинската нееднаквост.

Државата и системот имаат механизми со кои се препознаваат и надоместуваат одредени трошоци на функционерите и службените лица.

Но, кога станува збор за работникот кој секој ден мора да патува до своето работно место, неговиот реален трошок најчесто останува невидлив.

А токму работникот е тој кој создава нова вредност. Никој работник не треба да биде доведен во ситуација во која една третина или речиси половина од неговата минимална плата се троши само за превоз до работното место. Затоа од ССМ велат дека со години бараат трошокот со кој работникот доаѓа на работа да не биде трошок само на работникот!

И.П