Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис објави дека Грција ќе го зголеми данокот при пренос на сопственост на недвижности од 3 на 15 отсто за граѓаните на земји надвор од Европската Унија. Новата мерка треба да стапи во сила од 1-ви јануари 2027-ма година, објавија грчките медиуми.
„Ги поттикнуваме стимулите, но сакаме да ви кажеме и за ограничувањата“, изјави Мицотакис на 90. Меѓународен саем во Солун, пред да го објави петкратното зголемување на данокот за купувачите од земји надвор од ЕУ.
Според него, интересот од купувачи од земји надвор од ЕУ може до одреден степен да биде добредојден, но во исто време создава проблеми за Грците кои во многу делови од земјата се обидуваат да купат сопствен дом.
Мерката е дел од пакетот вреден 2,2 милијарди евра, кој вклучува и програма од 2 милијарди евра за субвенционирање станбени кредити, постепено намалување на трошоците за електрична енергија и укинување на годишниот данок на недвижности во малите населени места.
Според сегашните правила, данокот при пренос на сопственоста на недвижност изнесува 3 отсто, односно ефективно 3,09 отсто со општинскиот додаток. Се пресметува врз повисоката од договорената купопродажна цена и државно утврдената „објективна вредност“ на имотот. Данокот го плаќа купувачот пред потпишувањето на нотарскиот акт.
Мицотакис зборуваше во пресрет на парламентарните избори кои треба да се одржат во пролетта 2027-ма година. Тоа значи дека стапката од 15 отсто би почнала да се применува непосредно пред изборите.
Што значи ова за Македонците кои купуваат имот во Грција?
Македонските државјани, како и останатите граѓани на земји кои не се членки на ЕУ, спаѓаат во категоријата „граѓани на трети земји“.
Доколку законот биде усвоен без исклучоци, новата стапка од 15 отсто ќе важи и за нив.
Тоа значи дека купувањето недвижност во Грција за Македонците може значително да поскапи од 2027-ма година.
На пример, при купување имот од 400.000 евра, данокот би се зголемил од околу 12.000 на 60.000 евра.
Кај имот од 250.000 евра, данокот би пораснал од 7.500 на 37.500 евра.
За инвеститорите во програмата „златна виза“, ефектот може да биде уште поголем. За инвестиција од 800.000 евра, данокот би се зголемил од околу 24.000 на 120.000 евра, доколку не бидат воведени посебни исклучоци.
Сè уште не е целосно јасно дали новата стапка ќе важи и за граѓани на трети земји кои веќе имаат дозвола за престој во Грција, како ќе се третираат купувањата преку грчки или компании од ЕУ и дали за веќе започнатите трансакции ќе има преоден период.
Што се случува со „златната виза“?
Секој странски инвеститор во грчката програма „златна виза“ по правило е државјанин на земја надвор од ЕУ.
Доколку новите правила не предвидат исклучок, повисокиот данок би се однесувал и на овие купувачи.
Промената доаѓа во момент кога Грција веќе има воведено повисоки минимални износи за инвестиции во недвижности во најбараните подрачја.
Во исто време, укинувањето на ДДВ од 24 отсто за одредени новоградби, кое ги насочуваше странските купувачи кон данокот за пренос на сопственоста од 3,09 отсто, треба да истече на крајот на 2026-та година, освен ако повторно не биде продолжено.
Дали странските купувачи се виновни за кризата со становите?
Александар Рисвас од атинската компанија „Risvas & Associates“ смета дека мерката е погрешно насочена.
Според него, странските инвестиции не треба да се користат како главно објаснување за проблемот со недостигот на станови.
Тој посочува дека голем дел од станбениот фонд во Грција не се користи како главно место за живеење. Дел од становите се празни, не се реновирани, се заглавени во наследни спорови или имаат повеќе сопственици.
Рисвас смета дека Грција има проблем не само со странските купувачи, туку и со недостигот на достапни станови.
Особено го издвојува моделот во кој инвеститор купува стара деловна зграда и ја претвора во станови. Во таков случај, според него, инвеститорот не го намалува станбениот фонд, туку создава нови станбени единици.
Затоа, предупредува тој, повисокиот данок може да го блокира еден од начините на кои неискористените објекти би можеле повторно да се претворат во станбен простор.
Мерката отвора и прашања за еднаквиот третман. Доколку двајца купувачи купат ист имот по иста цена и на ист датум, но едниот плаќа 3 отсто данок, а другиот 15 отсто само поради државјанството, тоа може да отвори прашања за даночната еднаквост и пропорционалноста на мерката.
Рисвас предлага кризата со становите да се решава со поттикнување на празните станови да се вратат на пазарот на долгорочен наем, побрзи процедури за реновирање и промена на намената на објектите, решавање на наследните спорови и изградба на повеќе станови.



