„Qualcomm“ во вторникот соопшти дека „Amazon“ во рамките на долгорочно партнерство може да купи чипови за вештачка интелигенција наменети за дата-центри, како и поврзани производи, во вредност до 60 милијарди долари.
Договорот ги поддржува напорите на производителот на чипови да се наметне како еден од главните добавувачи на инфраструктура за вештачка интелигенција.
Партнерството го покажува и сè поголемото финансиско поврзување меѓу компаниите во услови на бумот на вештачката интелигенција. „Qualcomm“ ќе му издаде на „Amazon“ варанти (еден вид на сертификат) во вредност од околу 4 милијарди долари. Тие ќе се стекнуваат со купувањето на производите и ќе му овозможат на технолошкиот гигант да купи акции на Qualcomm по цена од 161,26 долари за акција, според регулаторниот документ.
Акциите на „Qualcomm“, со седиште во Сан Диего, Калифорнија, по објавувањето на веста пораснаа за повеќе од 3 отсто.
Договорот е најнов знак дека „Qualcomm“ се обидува да го прошири бизнисот надвор од пазарот на паметни телефони. Компанијата се соочува со можност да го загуби бизнисот со модеми за „Apple“, со зголемени трошоци за компоненти и со послаба побарувачка на пазарот на мобилни телефони.
Во изминатата година „Qualcomm“ се обидува да привлече компании кои нудат облачни услуги со сопствени чипови за вештачка интелигенција и технологии за дата-центри. Овие компании бараат алтернативи на доминантните процесори на „Nvidia“.
„Amazon“ сега им се приклучува на „Microsoft“ и „Meta“ како клиенти кои ја поддржуваат оваа иницијатива. „Qualcomm“ очекува бизнисот со чипови за дата-центри да ѝ донесе приходи од 15 милијарди долари до 2029-та година.
„Овој договор е токму она што му беше потребно на ‘Qualcomm’ за да го увери пазарот дека амбициозните планови за бизнисот со дата-центри навистина можат да се реализираат“, изјави Боб О’Донел, главен аналитичар во „TECHnalysis Research“.
Партнерството доаѓа само неколку недели откако „Marvell Technology“ склучи сличен договор за сопствени „AI“ чипови со „Google“, компанија од групацијата „Alphabet“. Во тој случај, на технолошкиот гигант му беше дадено право да купи удел во вредност до 12,2 милијарди долари.
Според договорот објавен во вторникот, „Qualcomm“ и „Amazon“ ќе соработуваат на развојот на „AI“ чипови – брзорастечки пазар насочен кон извршување на веќе обучени модели за вештачка интелигенција.
Овој сегмент стана едно од главните боишта меѓу производителите на полупроводници, кои се натпреваруваат за дел од огромниот пазар создаден со ширењето на генеративната вештачка интелигенција.
Договорот не се однесува само на компјутерски чипови. Тој вклучува и технологии за оптички комуникации на „Qualcomm“.
Двете компании ќе развиваат технологии за високобрзинско оптичко поврзување, вклучително и решенија со капацитет до 1,6 терабити во секунда, со цел да одговорат на сè поголемите потреби за пренос на податоци во „AI“ дата-центрите.
Партнерството се смета и за значаен сигнал на доверба во овој релативно нов бизнис за „Qualcomm“. Компанијата минатата година ја презеде „AlphaWave“ за 2,4 милијарди долари, а по преземањето, нејзиниот извршен директор Тони Пиалис застана на чело на одделот за чипови за дата-центри на „Qualcomm“.
Како дел од соработката, „Qualcomm“ планира да ја зголеми употребата на услугите и инфраструктурата на „AWS“ за работни процеси поврзани со дизајнирањето на чипови, со цел да го скрати времето потребно за нивниот развој.



