Христијан Мицкоски, претседател на Владата, денеска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со трошоците за организирање на летните манифестации и настапите на светските музички ѕвезди низ државата, рече дека сето ова граѓаните и буџетот ги чини 0 денари.
„Морам прво да заклучам дека имавме навистина историско лето, лето за паметење во коешто голем број светски ѕвезди настапија во градовите низ државата. Сè започна со Битола на втори август, Стив Аоки, потоа продолжи оној караван „Силно светнал ден“ којшто помина низ 11, 12, 13 града, вклучително и манифестацијата во Скопје, вклучително и онаа манифестација што ќе следи на 15-ти и во Тетово. Потоа во Струмица беа Пол Окенфолд и Пол ван Дајк, исто така мегаѕвезди. Потоа рок-спектакл исто во Струмица, македонските рок-групи коишто учествуваа таму на тој настан, меѓу нив и „Меморија“. Потоа на градскиот плоштад во Скопје, заедно со — така еве да ги наречам — македонските „Ол-стар“ ѕвезди, Хосе Карерас настапи во еден навистина голем спектакл и сето тоа кулминираше со овој спектакл којшто се одржа вчера на Градскиот стадион, каде што светската ѕвезда број еден Дејвид Гета приреди навистина спектакл за паметење, 50-ина илјади луѓе навистина уживаа и сето тоа беше посебно да се следи, посебно во текот на летово”, изјави Мицкоски.
Јас би сакал да им се заблагодарам на граѓаните, да се заблагодарам на сите оние коишто учествуваа во организацијата на сите овие настани, бидејќи покажавме дека како држава знаеме, можеме и умееме да направиме нешто светско, а да се случува тука во Македонија.
Сега да се вратам на прашањето — имам лоша вест за сите оние коишто шпекулираа, негодуваа, клеветеа, пласираа лажни информации, а молчев, не сакав да зборувам, затоа што оставав сето она коешто претставуваше навистина посебен момент за градовите низ земјава, да биде посебен момент и за граѓаните во тие градови. Имаше и таков настан и тука во Штип.
“Што е лошата вест? Лошата вест е дека сите овие настани ги чинат 0 денари. И граѓаните и буџетот, сите овие настани ги чинат 0 денари. Слободно можете да проверите на „Опен финанс“ (Отворени финансии) и ќе проверите дека сето ова граѓаните и буџетот ги чини 0 денари. Сѐ е организирано од општествено одговорни компании, така што јас жалам што кај поединци Фројд работи, што мислат дека како тие што би правеле, така и некој друг прави. Но, ова е домаќинска Влада, ова е промакедонска Влада којашто се грижи за граѓаните, пронародна, и секој денар буџетски средства се троши на транспарентен начин.
Лошата вест, уште еднаш ќе повторам за нив, е дека се потрошени 0 денари буџетски средства за организација на сите овие настани, а сепак имавме незаборавно лето“, изјави претседателот на владата.



