Летните одмори полека се пакуваат во фотографии, но куферите не мора да одат во подрум. За многу Македонци токму септември и октомври стануваат добар период за кратко бегство од дома. Два, три или четири дена во некој европски град, без јулските горештини, без туркање пред знаменитостите и, ако добро се избере датумот, со помалку пари.
Таканаречените „сити брејк“ патувања одамна не се резервирани само за пролет. Прага, Виена, Рим, Милано, Барселона и Истанбул традиционално се меѓу градовите што туристите ги избираат кога сакаат неколку дена надвор од дома, а есента носи уште една предност, улиците полека се празнат од главната туристичка навала.
За патниците од Македонија тоа значи едно: ако нема деца врзани со училишен распоред и ако може да се земат два или три слободни дена, вреди да се погледнат понудите по завршувањето на летната сезона.
Туристичките аналитичари предупредуваат дека есен автоматски не значи и евтино.
„Не сите периоди од есента се исти кога станува збор за цените на авионските билети“, посочуваат познавачите на туристичкиот пазар. Според анализите на пребарувањата за патувања, цените може значително да се разликуваат само во зависност од тоа која недела е избрана. Доцниот октомври, на пример, се покажува како период во кој просечните цени на летовите се пониски отколку на крајот на септември и на почетокот на октомври.
А каде да се оди?
За оние што сакаат уште малку сонце, Италија, Португалија, Кипар, Хрватска и Турција остануваат меѓу интересните опции. Анализите за оваа есен покажуваат дека Дубровник е една од дестинациите каде што авионските цени се пониски и во споредба со минатата година и со летната сезона. Билбао во Шпанија исто така се издвојува како град каде што е забележан значителен пад на цените во однос на летниот шпиц.
За Македонците, секако, Истанбул е една од најлогичните варијанти. Има директна авионска врска од Скопје, а моментално објавените тарифи покажуваат дека во октомври и ноември може да се најдат повратни билети од околу 152 евра, зависно од датумот и расположливоста.
Кој не сака авион, пак, има цел регион пред себе. Есенски викенд во Солун, Белград, Тирана или на црногорското крајбрежје може да се организира и со автомобил, без големо планирање. Особено во септември, кога југот сè уште има пријатни температури, а летниот метеж веќе попушта.
Економистите советуваат при изборот да не се гледа само цената на превозот. Евтин билет не значи евтино патување ако хотелот за три ноќи чини колку уште еден авионски билет.
Податоците за оваа сезона покажуваат дека почетокот на октомври може да биде особено поволен за сместување.
„Пониската цена на хотелот понекогаш може целосно да ја надомести повисоката цена на летот“, е препораката на аналитичарите.
Затоа математиката е едноставна. Пред да се притисне копчето „резервирај“, треба да се соберат билетот, сместувањето, превозот до центарот, багажот и дневните трошоци.
И тогаш можеби ќе излезе дека три есенски дена во Рим, Истанбул или Дубровник не се толку далеку од домашниот буџет колку што изгледаат на прв поглед. Само треба да се погоди датумот.
Б.З.М.



