Од година во година јавниот долг на Македонија континуирано расте. На оваа тема Институтот за економски анализи и политики Finance Think подготви анализа за тоа со кое темпо, но и во чие време на владеење долгот на земјава најмногу растел. Тоа што е интересно е што како нова држава пред 35 години Македонија независноста ја почнува со долг од 850 милиони долари кои се директни и поврзани надворешни обврски, а презела и дел од неподелениот долг на поранешна СФРЈ. Потоа во 1995-та година ММФ проценил дека среднорочниот и долгорочниот надворешен долг на земјата на крајот од 1994 година изнесувал околу 936 милиони долари.
Анализата на Институтот Finance Think почнува со 1999-та година која според податоците долгот на Македонија изнесувал нешто над 1,2 милијарди евра. Во тоа време премиер на државата е Љупчо Георгиевски кој на чело со владата е до 2002 година. Тој според информациите на Институтот, долгот на Македонија го зголемил за над 560 милиони евра. Тоа се случува кога во Македонија е воениот конфликт. Податоците кои тогаш ги објавува ММФ велат дека реалниот БДП паднал за 4,5 проценти, а дополнителните безбедносни расходи достигнале околу 6,7 проценти од БДП, што силно го влошило буџетското салдо.
Во анализата следува времето на Бранко Црвенковски, во тој период, долгот се намалил за 107 милиони евра, а соодносот со БДП за 5,5 процентни поени. Во мандатот на Владо Бучковски пак, долгот повторно пораснал, но само за 96 милиони евра, додека како удел во БДП се намалил за дополнителни 4,4 процентни поени.
Во декември 2005 година Македонија ја издаде првата еврообврзница од 150 милиони евра, но парите беа искористени за отплата и рефинансирање на стариот долг кон Лондонскиот клуб на кредитори. Европската банка за обнова и развој во тогашниот извештај наведува дека со средствата бил отплатен долг од околу 221 милион долари.
Најголем раст на долгот на државата се случува во владеењето на Никола Груевски. Како премиер Груевски бил од 2006 до 2017 година и тогаш се акумулирани околу 2,2 милијарди евра државен долг и уште 681 милион евра гарантиран долг или приближно 2,9 милијарди евра.
Во мандатот на Зоран Заев, Finance Think пресметува нови речиси 2,2 милијарди евра државен и 185 милиони евра гарантиран долг, или околу 2,4 милијарди евра вкупно. Учеството во БДП се зголемило за 13 процентни поени. На оваа ера ѝ припаѓа и најголемиот еднократен фискален шок во поновата историја – ковид пандемијата. За време на Димитар Ковачевски, апсолутниот долг продолжил нагоре – за околу 1,7 милијарда евра, од кои 1,5 милијарди државен и 159 милиони гарантиран долг.
Како последен дел од анализата е за актуелниот премиер на Македонија, Христијан Мицкоски до крајот на вториот квартал годинава, генерира речиси 1,8 милијарда евра дополнителен државен долг и 75 милиони евра гарантиран, односно приближно 1,9 милијарди евра.
На крајот на јуни годинава државата и јавниот сектор должеле 10 милијарди и 726 милиони евра, или 58,8 проценти од БДП.
И.П



