ПочетнаЕКОНОМИЈАКанада воведе нови царини за американските стоки: Трговската војна на сојузниците продолжува

Канада воведе нови царини за американските стоки: Трговската војна на сојузниците продолжува

Почнувајќи од вторник, нешто по полноќ по американско време, Канада воведе нови царини за стоки од САД во вредност од околу 20 милијарди долари, што дополнително го продлабочи трговскиот конфликт меѓу двете земји.

Тарифите се движат од 15 до 50 проценти. Највисоката стапка од 50 проценти се однесува на производи како што се американско млеко, парфеми, конзоли за видео игри, палки за голф, риболовни прачки, челик, алуминиум, јакни и маици.

За сирењето, теписите и некои апарати за домаќинство, како што се шпорети и климатизери, се плаќа царина од 25 отсто, додека виљушкарите и индустриските калапи ќе се оданочуваат со 15 отсто.

Канада ги наметна овие мерки како одговор на американските царини за канадски производи, вклучувајќи млеко, мед, стапчиња за хокеј, алкохолни пијалоци, иверица, накит и други стоки. Двете страни се обидуваат да одговорат на тарифите на другата земја на принципот “долар за долар”.

Економистите предупредуваат дека новите канадски царини би можеле особено да ги погодат производителите во американските сојузни држави како Мичиген и Индијана, како и производителите на млечни производи во Висконсин и Вермонт.

Иако овие царини покриваат само мал дел од трговската размена меѓу двете земји, која беше вредна повеќе од 700 милијарди долари минатата година, тие претставуваат нова ескалација во се посериозниот трговски спор меѓу САД и Канада.

Конфликтот трае долго време. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно се закани со високи царини за канадски и мексикански производи, додека Канада одговори со свои царини и бојкот на одредени американски производи.

Преговорите меѓу двете земји подоцна беа започнати, но пропаднаа откако ниту една страна не ги прифати барањата на другата.

Канадскиот премиер Марк Карни ја обвини американската администрација дека „бара премногу, а нуди премалку“, додека Трамп ја обвини Канада за нефер трговски политики.

Трамп, исто така, претходно зборуваше за можноста за дополнителни царини, вклучително и тарифи од 50 отсто за канадските автомобили и челик, додека во понеделникот побара и замрзнување на увозот на авиони Бомбардиер, освен ако компанијата не пресели дел од своето производство во САД.

Трговскиот конфликт на тој начин продолжува да ги зголемува тензиите меѓу двете земји, кои традиционално се блиски економски и политички партнери.