ПочетнаЕКОНОМИЈАГо изгубивте паричникот? Подгответе неколку илјади денари за нови документи

Го изгубивте паричникот? Подгответе неколку илјади денари за нови документи

Да изгубите паричник со неколку стотки денари е нервоза. Да го изгубите со лична карта, возачка дозвола, банкарски картички, а можеби и пасош, веќе е сосема друга приказна. Тогаш не се брои само готовината што исчезнала. Почнуваат пријавувања, блокирања, нови документи, уплатници, чекање по шалтери… и сметката полека расте.

Во Македонија, само повторното вадење на најосновните лични документи може да чини неколку илјади денари, а ако некој брза и бара итна постапка, сумата оди значително нагоре.

Прво на списокот е личната карта. За изгубена или украдена лична карта се плаќа 310 денари за новиот документ и дополнителен износ за огласување на изгубениот документ за неважечки. Министерството за внатрешни работи јасно наведува: „Секоја изгубена или украдена лична карта задолжително се огласува за неважечка во Службен весник“.

На хартија, тоа не изгледа како голем удар врз домашниот буџет. Ама тука приказната само почнува.

Ако во паричникот била и возачката дозвола, за нејзин дупликат во редовна постапка се плаќаат 410 денари за образецот, 110 денари административна такса и 75 денари за објавување на изгубениот документ. Вкупно, околу 600 денари. Редовната постапка може да трае до 15 дена, додека итната е значително поскапа.

Најдлабоко во џебот ќе мора да посегне оној што заедно со паричникот го загубил и пасошот.

За лице над 27 години, нова изгубена патна исправа во редовна постапка чини 2.375 денари. Во сумата влегуваат 2.000 денари за образец, 300 денари административна такса и 75 денари за огласување. Ако пасошот е потребен итно, на пример ако патувањето е за неколку дена, трошокот скока на 6.475 денари.

Тука веќе една обична невнимателност станува сериозен непланиран трошок.

А тука се и банкарските картички.

Првата работа што треба да ја направи човек кога ќе забележи дека паричникот го нема е да ги блокира картичките. Не утре. Не кога ќе стигне дома. Веднаш.

„Потребно е ВЕДНАШ да ја блокирате Вашата картичка“, стои во упатствата на банките за постапување при губење или кражба. Кај дел од банките блокирањето може да се направи преку мобилна апликација, електронско банкарство или со телефонски повик во дежурен центар.

Банкарските познавачи посочуваат дека цената за повторно издавање зависи од банката и типот на картичката. Кај одделни производи надоместот за повторно издавање изгубена или украдена картичка изнесува од неколку стотици денари, а може да има и дополнителни трошоци за ставање на картичката на стоп-листа. Во една од актуелните банкарски тарифи, на пример, повторното издавање чини 500 денари, а блокирањето на стоп-листа 800 денари.

Ако човек има две или три картички во паричникот, сметката дополнително расте.

Финансиските познавачи велат дека тука често се прави погрешна пресметка. Луѓето прво жалат за готовината, а вистинскиот трошок го гледаат дури подоцна, кога ќе почнат да ги плаќаат документите и картичките.

„Парите во паричникот се само еден дел од загубата. Многу поголем проблем се документите, времето за нивно обновување и ризикот некој да се обиде да ги злоупотреби“, објаснуваат познавачите на финансискиот сектор.

Во најобичен случај, со лична карта, возачка дозвола, пасош и една или две банкарски картички, директниот трошок лесно може да надмине 4.000 денари. Ако се бара итен пасош или има повеќе картички, сметката може да се приближи, па и да ја надмине границата од 8.000 денари.

И тоа без денарот што бил во паричникот.

Затоа советот е едноставен: штом забележите дека паричникот го нема, прво блокирајте ги картичките, а потоа пријавете ги изгубените документи. Чекањето со надеж дека некој ќе се јави може да изгледа разумно, но кај платежните картички секоја минута може да биде важна.

А паричникот? Можеби ќе се најде. Само што дотогаш веќе може да биде прилично скап паричник.

Б.З.М.