Кина вбризгува милијарди во своите најголеми банки и осигурителни компании, додека Пекинг презема мерки за зајакнување на нивните биланси и одржување на економскиот раст во услови на забавување на економијата.
Најмалку осум финансиски институции бараат дополнителен капитал од 360 милијарди јуани, односно околу 53,6 милијарди долари. Повеќе од 80 отсто од средствата ќе ги обезбеди Министерството за финансии, покажуваат берзанските документи и информациите на кинеската новинска агенција „Синхуа“, кои ги пренесува „Bloomberg“.
Најголемите кинески државни банки и натаму располагаат со соодветни капитални резерви. Сепак, настојувањето на Пекинг да обезбеди евтини кредити за поддршка на економскиот раст ја намалува нивната профитабилност.
Новата капитална инјекција има цел да го намали притисокот врз профитните маржи, да го зголеми капацитетот за кредитирање и да ги зајакне резервите за покривање на потенцијални проблематични кредити.
Кинеското Министерство за финансии ќе издаде специјални обврзници во вредност од 300 милијарди јуани за финансирање на планот, објави „Синхуа“.
Според документите доставени до Шангајската берза во неделата, „Agricultural Bank of China“ бара до 160 милијарди јуани, додека „Industrial & Commercial Bank of China“ (ICBC) бара 100 милијарди јуани преку одделни приватни пласмани на акции.
Двете банки наведуваат дека средствата ќе ги искористат за зголемување на својот основен капитал од прв ред.
Министерството за финансии ќе запише акции на „Agricultural Bank of China“ во вредност од 130 милијарди јуани, како и акции на „ICBC“ во вредност од 70 милијарди јуани.
Министерството целосно ќе учествува и во издавањето акции на „People’s Insurance Company (Group) of China“ во вредност од 15 милијарди јуани.
Дополнително, ќе обезбеди 30 милијарди јуани за „Export-Import Bank of China“, 35 милијарди јуани за „China Life Insurance“, 7 милијарди јуани за „China Taiping Insurance Group“, 3 милијарди јуани за „China Reinsurance“ (Group) и 10 милијарди јуани за „China Export & Credit Insurance“.
Банките се под притисок
Просечната нето каматна маржа на кинескиот банкарски сектор падна на историски ниско ниво. Тоа ја ограничува можноста на банките да го зголемуваат капиталот преку задржување на остварената добивка.
До јуни, кинеските банки пријавиле просечна стапка на капитална адекватност од 15,26 отсто, додека коефициентот на основниот капитал од прв ред изнесувал 10,72 отсто.
Податоците покажуваат дека капиталната инјекција не е насочена толку кон покривање на непосреден недостиг на капитал, туку кон создавање поголем простор најголемите банки да го издржат притисокот и дополнително да ги зголемат своите биланси.
Пекинг сака да ги ограничи ризиците
Обезбедувањето финансиска стабилност останува еден од клучните приоритети на кинескиот претседател Си Џинпинг, особено во период кога Кина е во долготрајно трговско и технолошко ривалство со САД.
Пекинг истовремено се обидува да ги ограничи ризиците што произлегуваат од проблематичниот сектор на недвижности и од зголемената задолженост на локалните власти.
Овој најнов пакет финансиска поддршка се надоврзува на мерките преземени кон крајот на 2024-та година.
На почетокот на 2025-та година, „Bank of China и Postal Savings Bank of China“ беа меѓу четирите банки кои добија вкупно 69 милијарди долари обезбедени преку државни обврзници.



