Шведскиот гигант за мебел „Ikea“ најави нов бран намалувања на цените во Европа, со цел да ја поттикне побарувачката во услови кога високите трошоци за домување во многу земји им отежнуваат на луѓето да се преселат и ги намалуваат нивните трошоци за мебел и производи за домот.
Компанијата соопшти дека вкупно ќе вложи 1,2 милијарди евра во намалување на цените, со цел да привлече купувачи со ограничен буџет и да ја зголеми продажбата по две последователни години на пад на приходите.
„Трошоците за живот растат и за многу луѓе животот станува сè потежок“, изјави Хувенсио Маесту, извршен директор на „Ingka“ – најголемиот малопродажен оператор на „Ikea“ во светот, кој управува со продавниците на компанијата во најголем дел од Европа преку франшизен модел.
„За многу луѓе домот е само спална соба во заедничка куќа и затоа станува уште поважно да се понудат решенија за складирање и подобра организација на просторот“, додаде тој.
Во Германија, која е најголемиот пазар на „Ikea“ според приходите, компанијата ги намали цените на повеќе од 1.500 производи.
Меѓу нив е и столот „Poang“, чија цена е намалена од 179 на 119 евра.
Во Велика Британија, цената на полицата „Kallax“ е намалена од 60 на 49 фунти, додека комодата со фиоки „Alex“ поевтини од 70 на 55 фунти.
„Постојано се обидуваме да ги оптимизираме трошоците, така што ги редизајнираме производите уште од самиот почеток“, изјави Јакуб Јанковски, извршен директор на „Inter Ikea“.
Тој посочи дека редизајнирањето на линијата гардероби „Pax“ ги намалило трошоците за пакување за дури 70 отсто.
„Поголемата автоматизација и користењето обновлива енергија исто така придонеле за намалување на трошоците“, додаде Јанковски.
Европа е клучен производствен регион за „Ikea“, а Полска, Италија, Литванија и Германија се меѓу главните земји од кои компанијата се снабдува.
Во обид да привлече нови купувачи, „Ikea“ од јануари годинава отвори и седум помали продавници низ Европа, отстапувајќи од традиционалниот модел на големи продавници лоцирани надвор од градовите.
Од „Inter Ikea“ соопштија дека и други франшизери се согласиле да ги намалат цените.
Намалувањата ќе ги применуваат „Sarton Group“ на Балеарските и Канарските Острови, „Mapa“ во Турција, „Housemarket“ во Грција, Кипар и Бугарија, „Miklatorg Group“ во Исланд и „Inter Ikea Retail“ во Естонија, Латвија и Литванија.
Целта на „Ikea“ е јасна – со пониски цени да ги привлече потрошувачите назад во продавниците во период кога високите животни трошоци ги тераат домаќинствата внимателно да го мерат секој трошок.



